Израелски воени авиони извршија над сто напади врз цели на Хамас во Газа, како одговор на ракетирањето од палестинските милитанти, кои истрелаа околу 400 проектили и гранати кон Израел. Насилството почна по разоткриената операција на израелските специјални сили во Газа вечерта во неделата, во која беше убиен командант на Хамас
Најмалку шест лица се убиени во ескалацијата на насилството помеѓу Израел и Хамас, кое се заканува да резултира со израелска офанзива врз Појасот Газа. Израелски воени авиони извршија над сто напади врз цели на Хамас во Газа, како одговор на ракетирањето од палестинските милитанти, кои истрелаа околу 400 проектили и гранати кон Израел. Насилството почна по разоткриената операција на израелските специјални сили во Газа вечерта во неделата, во која беше убиен командант на Хамас. Последната голема офанзива на израелската војска во Газа почна во 2014 година, а во седумнеделниот конфликт беа убиени над 2.100 Палестинци, пренесуваат светските медиуми.
Израелската војска соопшти дека околу 400 ракети и минофрлачки гранати биле истрелани од Газа од понеделникот, што можеби досега е највисоката концентрација на напади за толку краток период од палестинската енклава. Во нападите од Хамас врз израелскиот крајбрежен град Ашкелон бил убиен еден цивил. Станува збор за 40-годишен Палестинец, по потекло од окупираниот Западен Брег. Истовремено, медицинските екипи во Газа соопштија дека при израелските напади се убиени најмалку пет лица, меѓу кои и двајца милитанти на палестинската организација.
Израел и Хамас редовно разменуваат оган во изминатите неколку месеци, при што најчесто палестинската милитантна група истрелуваше ракети како одговор на смртоносните напади на израелската војска на границата, каде што секоја недела се одржуваат протести на Палестинците против блокадата на Газа. Најновото насилство е најинтензивно досега и почна по израелската операција од крајот на викендот. Според очевидци, тим израелски специјалци биле разоткриени на контролен пункт на милитантите, по што тие убиле командант на Хамас и успеале да побегнат со хеликоптер. Во престрелката и хаосот што следувале потоа биле убиени седум палестински милитанти и еден израелски офицер. Само неколку часа по инцидентот, Хамас почна со ракетните напади врз израелска територија.
Од друга страна, „Гардијан“ наведува дека овој пат е зголемен и размерот на израелските напади. Израел досега ги фокусираше нападите врз воени позиции на Хамас во отворени области, но вчера, според очевидци, биле уништени најмалку три големи станбени згради во густо населените населби на Газа. Израелски авиони го бомбардирале главното седиште на Хамас во Газа, како и зградата на телевизијата на палестинската милитантна група.
Хамас се закани дека ќе почне со напади со проектили со голем дострел врз градовите Ашдод и Бер Шива, доколку Израел продолжи со воздушните напади.
Според израелската војска, Хамас и другите помали милитантни фракции на Газа имаат арсенал од околу 20.000 минофрлачки гранати и ракети.
– За жал, тие не се ни приближно блиску до крајот на нивните резерви – изјави Џонатан Конрикус, портпаролот на израелската војска.
Израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ успеал да пресретне околу сто проектили, но по сѐ изгледа бил преоптоварен од интензитетот на лансирањата од Хамас.
Во меѓувреме, израелската војска распореди дополнителни војници и тенкови на границата со Појасот Газа, што, според многумина, е подготовка за копнена офанзива во палестинската енклава. Некои од израелските медиуми пренесуваат дека по четиричасовниот состанок со претставници на одбраната, премиерот Бенјамин Нетанјаху се согласил да даде зелено светло за почеток на масовна воена операција во Газа. Последната голема израелска офанзива во Газа почна во јули 2014 година и траеше речиси седум недели. Целта на операцијата беше запирање на ракетните напади врз израелска територија. Во офанзивата беа убиени над 2.100 Палестинци, а околу десет илјади лица беа ранети.