Интервју со Горан Илијевски во својство на претседател на Партијата на Македонците
во Србија прво беше објавено во серијата интервјуа во нашиот мини-проект за сондирање на мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава.
Меѓутоа, поради силниот одглас и впечаток на овој проект на македонската заедница во Србија, Илиевски се обрати уште еднаш до редакцијата за уште еднаш, недвосмислено и уште похрабро, во името на целата заедница да се обрати до македонската јавност и во свој текст напишан специјално за „Нова Македонија“ да ја издвои есенцијата на националните ставови и стремежи, притоа нагласувајќи дека изнесените ставови не се само на Партијата на Македонците во Србија, туку на сите Македонци во Србија, вклучувајќи и за прашањето против признавањето на Косово
Собранието го води претседателот, некаков командант (ама од УЧК, терористичка организација, трансформирана во политичко крило, како што сами се нарекуваат). Се школувал во Воена академија во Белград, каде што добил чин и дал заклетва, но ја погазил, дезертирал и избегал со жена му и нешто пари, за по пат кон Косово.
Не е тоа битно, битно е дека по пукањето на АРМ и убивањето македонски војници, сега ја симнал униформата на УЧК (која, сигурен сум, сѐ уште ја чува и со неа се заканува), па претседава со седниците на македонското собрание на АЛБАНСКИ јазик, додека мнозинство Македонци, пратеници, го слушаат преку преведувач на слушалки.
Иако МАКЕДОНСКИОТ јазик е кодифициран и признаен во ООН пред 75 години, и НИКОЈ (а камоли некои си Бугари), ама никој, не може да го промени тоа, ниту да го оспори, бидејќи ООН е најголема и најрелевантна организација во светот. НИКОЈ, освен ние Македонците самите, со свои избрани пратеници, на кои не им пречи во најголемиот законодавен ДОМ некој командант да им држи збор на албански… Самите македонски пратеници го дозволија тоа и го изгласаа. За да се добие македонско државјанство, сѐ уште услов е да се полага познавање на МАКЕДОНСКИ јазик. Како се стекнале со државјанство на МКД, а да не го познаваат јазикот многу лица? Комисијата е во просториите во Владата и таму се полага.
Двотретинско стабилно мнозинство донесува и менува закони, одразува стабилност во Владата, државата и институциите.
Ама желбата на народот е едно, а реалноста сосема друго.
Имаме на секој чекор дерогирани, нефункционални, корумпирани институции, чии партиски функционери (се знае од која партија) дури јавно изјавуваа дека не одговараат пред Владата што ги именувала, туку само пред својата партија. Така полуписмени, поставени од партијата, одработуваат за партијата, уништуваат сѐ што можат, а заради опстојување на пустата коалиција на власт, сѐ им се толерира, никому не му одговараат за криминалите што ги прават. Други држави треба да ни кажат во каква состојба со корупцијата сме, а ние без срам го признаваме тоа и никому ништо. И понатаму ништо не се презема, никаква нова ефективна акција на институциите за борба со корупцијата.
Државата ја уништуваат во сите сфери, образование, здравство, судство, дипломатијата, фондовите, јавните претпријатија, локалните самоуправи.
Македонија наликува на мостовите во Аеродром – еден изграден нов, а не води никаде и друг запален и надвор од употреба.
Колку треба за да се разбере дека вака не може понатаму, ги губиме државноста, институциите, Македонија тоне, никој не го сопира тоа ниту реагира. Да не се занесуваме дека спас е само ако почнеме преговори со ЕУ. Не сме свесни дека вакви не сме ни за Африка, а не за ЕУ. Што и кои поглавја да отвораме, кога сѐ е уништено во државата.
Поради непринципиелни коалиции, а заради одржување на пустата власт, на малцинскиот партнер што повеќе му давате, тој повеќе уценува, а тоа нема крај.
Кој нормален во светот има споменици на терористички организации, изградени од пари на државата против која пукале? Пратеници, министри, градоначалници, директори на државни и јавни институции стануваат не поради нивна способност и стручност, туку поради партиската директива на малцинската партија.
Кој во светот има отворено министерство (за политички систем) за да вработува по партиски национален клуч, ама од само една партија, да примаат плата, а да не одат на работа? Па и тие што одат по други институции не знаат што работат, само е битно да се вработени.
Каде во светот постои правило на Бадентер и балансер, измислено е само за Македонија, никаде не постои ниту ќе постои. Каде на јазик на малцинство се води собраниска седница, а мнозинството во својата земја следи на слушалки, симултан и којзнае колку исправен превод.
Општините без наплата на данок и во блокади да купуваат службени коли, функционерите недопирливи, а со кривични пријави?
Што е следно, заедница на албански општини, кои сакаат сами да се интегрираат во ЕУ, а ние само им пречиме (неписмени и небулозни изјави од официјални лица!)
Дозволивте македонското мнозинство во сопствената држава да стане заложник на малцинство.
Го поделивте македонското национално општество, македонскиот етникум, до тоа да станаа непријатели едни со други, брат со брат, поради политичка определба, а со тоа го губиме сопствениот идентитет, стануваме граѓани од втор ред во сопствената држава.
Вие што сте партиски лидери, разберете, ако сакате да ја водите државата, да ја зачувате и унапредувате и вратите на прав пат, неопходно е да формирате стабилна коалиција на најголемите македонски партии.
Двотретинското стабилно мнозинство, кое само вие (ВМРО и СДСМ) може да го имате, донесува и менува закони, одразува стабилност во Владата, државата и институциите.
Владата најдобро се контролира однатре, поделете ги ресорите сходно на тоа кој има добар и кредибилен кадар за кој ресор. Одговорноста прифатете ја заеднички, конструктивна и оправдана критика мора да наиде на резултат и санкции.
Доста веќе се поделби на наши и ваши, а сите сме Македонци.
Крајно време е да покажете политичка одговорност, повеќе нема назад, само стабилна држава може да напредува.
Ако двете најголеми партии не најдат договор, никој нема да формира идна македонска влада, ќе паднеме во уште поголема криза. Доста беше борби за власт, направете нешто и за државата, инаку ќе ја изгубиме. Крајно време е да ја сфатите сериозноста на ситуацијата.
Издигнете се над ситуацијата, државниот и националниот интерес еднаш нека ви бидат над партискиот!
Нема оправдување ако во име на Македонија не го направите тоа сега и веднаш. Договорете се, за Македонија се работи. Сакам стабилна и одговорна влада што ќе ја води Македонија напред. Доста беше талкање и назадување. Ситуацијата е премногу сериозна и крајно е време за Национално единство и помирување. Впрочем, не заборавајте што е во називот ДПМНЕ, демократска партија за македонско национално ЕДИНСТВО.
Кристијане Мицковски, твоето име исто е свето, христијански е да се прифати и да им се подаде рака на браќата христијани.
Договорете се и сѐ можеме само заедно да решиме, во име на Македонија, нашата света земја, друга немаме!
Да бидеме свои на своето, одговорни за својата иднина!
Да се сопре дуизацијата и криминализацијата на Македонија, веднаш и за секогаш. Доста беше!!!
Одговорноста е на вас, да не ја изгубиме државноста. Тие што не ги почитуваат знамето и химната на Македонија не смеат да бидат на државните функции, а уште помалку да одлучуваат за државата.
Нов закон за државјанства, да не се издаваат селективно, по ургенции, повеќе на сите други отколку на Македонците во дијаспората. Ќе станеме малцинство во сопствената држава. Тоа ли стана национален интерес, да нѐ има што помалку. Пописот во дијаспората како нерезиденти не го признаваме, доста лажење и исполнување на криминалните барања, испадна дека има помалку Македонци од Албанци во дијаспората.
Македонците, без разлика на местото на раѓање, живеење или работење, се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Оттука, Македонија како заеднички именител и обединувачки елемент на македонскиот национален супстрат има обврска да се грижи за сите Македонци. И обратно! Македонците од Бугарија, Србија, Грција и од Албанија, како и многубројната македонска дијаспора од Европа, Америка и од Австралија, имаат право и обврска да ги следат, да се грижат и да ги искажат своите ставови за состојбите и случувањата во нивната матична држава и да вложат напори за развојните политики што ја засегаат целата македонска нација. „Нова Македонија“ конципира еден мини-проект за да ги сондира мислењата, ставовите и стремежите на македонскиот народ што живее надвор од границите на својата матична држава, во врска со нивната информираност за политичките, економските, безбедносните и други состојби внатре во Македонија, и од една пообјективна дистанца однадвор да ги презентира за македонската јавност нивните размислувања и реакции. „Нова Македонија“ во неколку наврати ќе објави интервјуа со претставници на Македонците надвор од Македонија, во соседството и со македонската дијаспора, во кои ќе бидат опфатени повеќе теми за тоа како тие надвор ги чувствуваат општествените движења во Македонија, но и што може да направат тие за да се унапреди функционалноста на Македонија како матична држава на целиот македонски народ.