Скопје денес има свои нови битки и нови предизвици. Исправени сме да се бориме заеднички. Секој од нас, како граѓанин, ние како институции за подобрување на условите за живот во нашиот град. Скопје се менува секојдневно и од ден на ден станува близок до европските престолнини. Го менува својот лик со цел на граѓаните да им овозможи вистински стандард на урбано живеење на една европска престолнина.
Ова денеска го изјави скопскиот градоначалник Петре Шилегов на одбележувањето на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на главниот град, што се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред платото на Владата.
– Денот на ослободувањето на Скопје има посебно место во срцата на секој од нас. Денес со гордост се среќаваме и се сеќаваме со нашето славно и богато минато, но денес повторно ја потврдуваме нашата антифашистичка припадност – рече Шилегов.
Пред Споменикот на ослободителите на Скопје цвеќиња положија делегации на Градскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, на Советот на Град Скопје, од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, од Владата, од Собранието, од АРМ, на дипломатскиот кор, делегации од скопските општини, од политичките партии, од јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје, делегација на Црвен крст на Град Скопје и на Република Македонија, како и граѓани.
Претходно цвеќиња беа положени на Партизанските гробишта во „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на гробиштата „Бутел“.