ОТВОРАЊЕ ЧЕТИРИ ОЧИ ЗА ПОРАКИТЕ ШТО ДОАЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА ОД СВЕТСКИТЕ ЦЕНТРИ НА МОЌ

Во високата политика и дипломатија има едно непишано правило што вели „изострете ги сите сетила, читајте меѓу редови, таму пишува најмногу“. Во таа насока, ако внимателно се анализира анатомијата на последните пораки што доаѓаат однадвор во врска со уставните измени, може да се воочи впечатлива и суштинска разлика меѓу Европејците и Американците. Така, европските дипломати и политичари во средиштето на прашањето за уставните измени ги ставаат „политичарите и партиите“ (веројатно поучени и охрабрени од претходните наши горки искуства, кога со „балканските методи“ на тогашниот еврокомесар Јоханес Хан, се врбуваа и принудуваа пратеници да гласаат по волја на странските емисари).
Американските дипломати, пак, се поумерени, попрагматични, пософистицирани и се добива впечаток дека стојат поцврсто на земја. Така, САД во прв план и во средиштето на прашањето за уставните промени се обраќаат до „македонските граѓани, нивните потреби и интереси“, што може јасно да се воочи и од изјавите на американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер…

По започнатата, а потоа одложена седница за уставните измени, Македонија влегува во нова интензивна фаза на опипување на пулсот и тестирање на прагот на издржливост на домашните политичари, па и на јавноста, од страна на меѓународната заедница. Во високата политика и дипломатија има едно непишано правило што вели „читајте меѓу редови, таму пишува најмногу“. Во таа насока, ако внимателно се анализира анатомијата на последните пораки што доаѓаат однадвор во врска со уставните измени, може да се воочи впечатлива и суштинска разлика меѓу Европејците и Американците. Така, европските дипломати и политичари во средиштето на прашањето за уставните измени ги ставаат „политичарите и партиите“ (веројатно поучени и охрабрени од претходните наши горки искуства, кога со „балканските методи“ на тогашниот еврокомесар Јоханес Хан се врбуваа и принудуваа пратеници да гласаат по волја на странските емисари).

Од друга страна, САД во прв план и во средиштето на прашањето за уставните промени се обраќаат до „македонските граѓани, нивните потреби и интереси“, што може јасно да се воочи и од изјавите на американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер…

Европските дипломати во средиштето на прашањето за уставните измени ги ставаат „политичарите и партиите“ – Фото: Игор Бансколиев

Европски фокус за промена на македонскиот устав: политичарите и партиите

И овој пат фокусот на европската дипломатија се чини повторно е кон политичари, партии и поединци, а не кон македонскиот народ. Така, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ги повика сите партии во македонскиот парламент да ги поддржат уставните измени и патот на земјата кон ЕУ.
– Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравив поднесувањето на уставните амандмани од неговата влада во парламентот. Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат за придвижување на европскиот пат на С. Македонија. С. Македонија ѝ припаѓа на ЕУ- порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Американските дипломати, пак, се поумерени, попрагматични, пософистицирани и се добива впечаток дека стојат поцврсто на земја.

Впрочем, тоа и не е за чудење за САД, кои се сметаат за држава со најсилна и најсофистицирана дипломатија во светот. Така, за САД на прво место и во прв план се македонските граѓаните, нивните потреби и интереси, што може да се воочи и од последната изјава на американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер.
– Навистина сметам дека не е мое да зборувам за тоа како треба да тече процесот на уставните измени, јас сум амбасадорка на САД. Ние не сме дел од Европската Унија, но кога ги гледам границата и големиот број возила што влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава се во нејзиното пристапување и интеграција во Европа. Во таа насока ги охрабрувам граѓаните да им дадат на знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ – истакна Агелер.

Американската дипломатија недвосмислено ја разликува улогата на политичарот наспроти улогата на граѓанинот, од кого всушност се црпи легитимитетот

Токму во последната реченица од изјавата на амбасадорката се демонстрира и клучната порака на Агелер, која недвосмислено порачува дека суверенитетот и легитимитетот произлегуваат исклучиво од граѓаните, а политичарите мора да имаат слух за потребите и барањата на граѓаните.

И претходно американските дипломати, а особено амбасадорката Агелер, ги ставаа македонските граѓани во преден план. Таа дури ја користи и секоја можна пригода да се обрати на македонски јазик, покажувајќи ја и на тој начин блискоста кон граѓаните и мнозинскиот македонски народ. Пред неколку месеци Амбасадата на САД сними и видео во кое вработените во амбасадата кажуваат македонски народни изреки на чист македонски јазик, што тогаш помина некако незабележително во јавноста, иако е за најголема пофалба.

Издвојуваме краток сублимат на изјави на Агелер од кои јасно се гледа фокусот кон македонските граѓани.

– Ги поттикнуваме водството и избраните функционери да постапуваат во интерес на граѓаните.

– На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот.

– Граѓаните заслужуваат да имаат институции што работат за нив и да имаат иднина во која владее правото.

И додека за САД нема дилема дека клучните одлуки мора да бидат во интерес и во консултација со граѓаните, домашните политички елити постапуваат сосема спротивно од тоа. Процесот со уставните измени е само уште една потврда за тоа. Иако досега имаше редица можности да се направат широки консултации, и со стручната јавност и со народот, за да се подобри, исфилтрира и рафинира текстот на амандманите и да се зацврсти државотворниот капацитет на македонскиот народ во Уставот, досега не се направи тоа. Ниту во Комисијата за уставни прашања ниту во Собранието не се отвори суштинска дебата како да се заштитат и засилат значењето и улогата на македонскиот народ во Уставот, како единствен носител на државноста, туку сѐ се сведе само на полемиката околу внесување на Бугарите во Уставот. Нејасно е како домашните политичари, и од власта и од опозицијата, не можат да видат и воочат дека со евентуални уставни измени може да се фати и возот за ЕУ, но истовремено и да се засили и зацврсти државотворниот капацитет на македонскиот народ наспроти преостанатите малцински заедници што ги уживаат сите малцински права.

Политичарите и партиите сите случувања во врска со уставните измени ги
гледаат низ призмата на својот политички и партиски рејтинг пред изборите?!

За политичките аналитичари нема сомнение дека политичарите и партиите сите случувања во врска со уставните измени ги гледаат единствено низ призмата на својот политички и партиски рејтинг пред изборите, кога и да се случат тие.

Во јавноста се форсира и наметнува еден измислен наратив, кој е за ЕУ, а кој против ЕУ, и цело време се вози на тој бран, иако во суштина сите партии и мнозинство граѓани се за влез во ЕУ, но истовремено мнозинството граѓани со право се загрижени и за сопствениот идентитет и опстанок. Патем, според аналитичарите, иако сите божем се повикуваат на народот, многу малку се прави во таа насока, да се слушне и целосно да се уважи гласот на народот.
– Во овој случај мора да се испочитува македонскиот народ. Пет-шест години во оваа држава одлуките ги носат сите освен македонскиот народ и тоа мора да запре. Не само за овој случај, околу уставните измени, туку за сите случаи мора да запре таа практика на игнорирање на волјата на народот, зашто создава фрустрации и ќе создаде многу посериозни проблеми на долг рок, за кои сериозните политичари мора да бидат свесни – вели поранешниот пратеник Илија Димовски.

Според него, нема граѓанин во Македонија што нема дефинирано став во однос на уставните измени, при што 80 проценти од Македонците се против вклучување на Бугарите во Уставот во вакви околности и под овие услови, но и значителен дел, 20-30 проценти, и од Албанците исто така се против. И ова е константа веќе подолго време.

Според аналитичарите, Македонија мора да ги брани сопствените национални интереси и да се раководи само и исклучиво според волјата на сопствениот народ, а не според желбите и очекувањата однадвор. Само така ќе нѐ ценат многу повеќе и надвор и ќе имаат сосема поинаков однос кон нас.