Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат проговори за несреќата во која се урна авионот во средата во која според списокот на патници бил шефот на Вагнер групацијата Евгениј Пригожин.
Путин испрати сочувство до семејствата на жртвите и го опиша Пригожин како талентиран бизнисмен.
Во телевизиски говор тој рече дека истражителите ќе откријат што се случило, но дека за тоа ќе биде потребно време, објави „Би-би-си“.
Тој додаде дека за несреќата му кажале во четвртокот наутро.
Десет лица загинаа во несреќата што се случи недалеку од Москва.
Покрај двајцата пилоти и стјуардеси, на списокот патници се и Пригожин, неговата десна рака Дмитриј Уткин и уште пет лица, кои се поврзани со приватната групација „Вагнер“.