ФОТО:МО/Славјанка Петровска

Нам ни се потребни сериозни реформи, а во таа насока, преговорите за членство во Европската Унија можат само да ни помогнат да ги мобилизираме сите ресурси и да ги направиме политичарите далеку поодговорни во својата работа. Критичен предуслов за тоа е да ги надминеме политичките разлики и да се обединиме околу започнувањето на преговорите, што ќе ни помогне да спроведеме суштински реформи, за доброто на сите граѓани. Притоа, да се угледаме на Армијата, да ги збиеме редовите и здружено да се посветиме на врвниот интерес и на оваа, и на сите наредни генерации, порача претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски.

На свеченоста по повод Денот на Армијата, што се одржа на Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, претседателот на државата порача дека македонските граѓани денес се посигурни поради безбедносниот штит на НАТО Алијансата.

Тој потсети дека од самиот почеток, како држава придонесуваме кон заедничките напори за поддршка на Украина во нејзината борба против руската инвазија. Ние сме, како што рече, меѓу петте држави членки на Алијансата според односот меѓу Бруто домашниот производ и воената и материјално техничка помош што ја даваме на Украина во овој критичен период. Пендаровски порача дека мора да продолжиме да вложуваме во нашата одбрана и безбедност.

Целта е, посочи, да имаме Армија која ќе биде не само структурно подобрена, туку и модернизирана со современи борбени средства и опрема за одбрана на татковината.

Премиерот Димитар Ковачевски потенцираше дека вложувањето во одбраната е вложување во безбедноста на граѓаните и националната безбедност.

Годинава, посочи премиерот, буџетот за одбрана е 1,85 проценти од БДП и е поголем од буџетот за минатата година за 24 проценти и најави дека и  в година издвојувањето за одбраната ќе изнесува 2 проценти од БДП.

– Силната поврзаност и меѓусебната доверба и почит кон Армијата од граѓаните нè охрабрува, но и ни дава задача во иднина како Влада да направиме сè, Армијата да го има сето она што ѝ е потребно за да продолжи силно да се развива. Интеграција во европските структури е на врвот на приоритетите. Пред нас е остварување на уште една стратешка цел, членството во ЕУ, рече премиерот.

Тој информираше и за одлуката да се усвојат новите регионални планови за колективна одбрана и брз одговор на заканите преку копно, вода и воздух, што, според него, е генерациска трансформација што долгорочно ќе го зајакне НАТО, а со тоа и нашата одбрана и Армија.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска посочи дека овој ден се одбележува во спомен и слава на првиот партизански баталјон Мирче Ацев, кој точно пред 80 години на овој ден се конституираше на падините на Славеј планина. Ова, како што рече, беше првиот симбол и најава на македонската државност која потоа беше потврдена со Првото заседание на АСНОМ.

– Членството во НАТО е веројатно најголемото признание што можеме да им го дадеме на околу 200 припадници борци, кои го основаа баталјонот Мирче Ацев, но и на сите херои кои ги положија своите животи на браникот на слободата за време на Втората светска војна во битката со фашизмот, заедно со многу партизани од цела Европа и сојузнички војски. Покажавме дека сме достојни како нација, како држава и како армија да чекориме рамо до рамо до најсилниот политички сојуз на денешницата. Покажавме дека нивните вредности ги живееме како свои и дека сме достојни наследници на нивната жртва и идеалите за кои се бореа како што се слободата и солидарноста, рече Петровска.

Таа потенцираше дека во време на глобална криза застанавме рамо до рамо со сите нации кои имаа потреба. Им помогнавме на Турција, Словенија, но и на Украина.

– Иако сме мала држава ние сме луѓе со големи срца, и тоа го покажавме и во Турција и во Словенија, помагајќи им на нашите пријателски народи да се справат со последиците од природните катастрофи. Застанавме и во поддршка на украинскиот народ. Ѝ помогнавме на Украина, не затоа што мораме, туку затоа што тоа е единствениот начин да бидеме на вистинската страна на историјата, рече Петровска.

За време на денешната свеченост, Пендаровски одликуваше 13 припадници на Армијата со медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територија на државата, а со медал за храброст беа одликувани 60 армиски припадници кои учествуваа во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Република Турција.

Претседателот, исто така, ги соопшти Указите за унапредување во генералски чин, а од страна на министерката Петровска беа доделени чинови на унапредени старешини во чин полковник.