Сумирајќи ги сѐ уште впечатоците, јасна е пораката дека вакви случувања се повеќе од потребни за Струга, и тоа од многу аспекти: спортски, туристички, културен. Јасни сме во намерата овој фестивал да расте и во квантитет и квалитет. Тоа подразбира јакнење на организацискиот капацитет, од една страна, и сè разбира непоколеблива целогодишна работа, од друга, вели проф. д-р Лиза Пантековска, членка на организацискиот одбор на спортскиот фестивал „Илинден 2023“

ВО СТРУГА СЕ ОДРЖА СПОРТСКИОТ ФЕСТИВАЛ „ИЛИНДЕН 2023“

Во чест на големиот празник Илинден, во Струга на први август беше одржан спортскиот фестивал „Илинден 2023“. Првото издание на овој фестивал беше одржано под мотото „По врвиците на борбата за македонска државност“, потенцирајќи дека идејата е преку спортски активности, токму на просторите каде што се одвивале едни од најголемите битки и каде што се создавани најголемите воени единици, да се одбележат двата Илиндена. Така беше и годинава.
– Идејата за спортскиот фестивал „Илинден 2023“ има подлабоки корени од почетокот на неговата реализација минатата година. Спортот во својата основа е силен промотор на нацијата, не само низ поединечните и колективни успеси на спортистите туку и преку неговата биопсихоцијална вредност во изградбата на секој еден поединец. Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ од Струга, кој се јавува како непосреден организатор на фестивалот, од неговото формирање во 2010 година се грижи за здравиот дух на стружани, независно од возраста. Чувствувајќи потреба за дополнителна афирмација на спортот за сите, а во насока на чествување на македонската самобитност, клубот го разви концептот на спортски фестивал за најголемиот национален празник Илинден. Првото издание беше одржано под мотото „По врвиците на македонската државност“, потенцирајќи ја улогата на градот и околијата во формирањето на македонската држава низ континуитетот на двата Илиндена. Фестивалот ја имаше својата почетна точка во градот на самиот истек на реката Црн Дрим, а завршната точка во селото Глобочица. Маратонски тури беа опфатени во кајак, СУП-веслање, велосипедизам и планинарење, и тоа низ клучни историски точки од славните Малесија и Дримкол. И тогаш, нескромно е да се каже, интересот за учество и поддршка беше големо – вели проф. д-р Лиза Пантековска.
Годинава дополнително ова издание имаше и натпреварувачка нота во спортовите на вода, во кои учествуваа над стотина натпреварувачи, вели Пантековска.

проф. д-р Лиза Пантековска

– Второто издание на фестивалот, годинава, забележа структурна промена. Локациски беше сместено на кејот на реката Црн Дрим, идентитетскиот код на стружани, во едно специфично маало. Маало на првоборецот Нико Нестор, на драмскиот писател Ристо Крле, на уметникот Вангел Коџоман и маало во чија непосредна близина за првпат е испеана македонската химна. Дополнително, ова издание имаше и натпреварувачка нота во спортовите на вода: кајак, СУП- веслање и пливање. Само ватерполо-натпреварите беа од ревијален карактер. Ваквиот концепт беше и потсетување на тоа што сѐ за Струга значеле и значат тие. Нормално, во согласност со гореспоменатата афирмација на спортот за сите, овие натпревари беа отворени кон сите полнолетни вљубеници во спортот, со исклучок на професионалниот спорт. Како организациски тим со задоволство можеме да констатираме дека Струга и стружани ги сакаат спортот и македонската држава. На фестивалот учествуваа над стотина натпреварувачи, трките ги проследија над илјада посетители, а поддршката ја почувствуваме од голем број волонтери и помагатели на фестивалот, без кои форматот не можеше да биде ваков и затоа сме искрено благодарни. Како тим во континуитет апелиравме за достојност на чествувањето, подготвивме низа прeпораки доставени пред фестивалот до секој учесник (натпреварувач и публика) и со гордост, мои стружани, ќе кажам дека такво доследно спроведување ретко се случува – потенцира Пантековска.
Сржта е овој фестивалот во иднина да остане од стружани за стружани колку и да расне, оти градот и Црн Дрим заслужуваат едно вакво обележје.

– Сумирајќи ги сѐ уште впечатоците, јасна е пораката дека вакви случувања се повеќе од потребни за Струга, и тоа од многу аспекти: спортски, туристички, културен. Јасни сме во намерата овој фестивал да расте и во квантитет и квалитет. Тоа подразбира јакнење на организацискиот капацитет, од една страна, и сè разбира непоколеблива целогодишна работа, од друга. Со претседателот на клубот, м-р Коста Хиохи, сме реализирале повеќе проектни активности. Како личности претпочитаме работа базирана на принцип на постапност и систематичност. Овој принцип е автентичен за спортот. Ќе кажам дека тој беше прифатлив и за другите членови на организацискиот тим. Секој поединечно даде исклучително силен придонес. Практично е невозможно една ваква организација да направите сам. Сржта е фестивалот да остане од стружани за стружани колку ѝ да расне. Градот и нашиот Црн Дрим заслужуваат едно вакво обележје. Уверени сме дека посебноста на овој фестивал ќе биде препознаена. Отворени сме за соработка кон сите добронамерници. Спортот раѓа надеж и таму каде што некогаш имало очај – рекол Мендела. Затоа велам да му дозволиме да нè облагороди и да дозволиме почитта и соработката видена на спортските терени да биде почит и соработка на теренот наречен живот во секојдневието – задоволно констатира Пантековска. Г.И.