Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Илинден е најсветлиот македонски ден. Илинден е симболот на македонската борба за слобода. Илинден е македонскиот темелник на државноста. Македонија и Илинден се две испреплетени нишки кои го означуваат идентитетот на секој Македонец, се вели во честитката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод Илинден.

-Пред 120 години воден од идеалот за слобода, народот во Македонија ја започна епопејата, го посеа семето на непокорот и тоа беше крунисано со првото заседание на АСНОМ и создавањето на македонската држава. И двата Илиндена и тој во 1903 и тој во 1944 година беа меѓниците во македонската историја кои оставија неизбришлив траг во колективната меморија на Македонија – стои во честитката на Мицкоски.

Илинден, додава Мицкоски, беше и ѕвездата водилка и на сите оние кои ја сонуваа и ја изборија македонската независност на 8-ми Септември, но ќе останат и ѕвезда водилка и на сите идни генерации кои ќе се борат за Македонија.

-Борбата за Македонија никогаш нема престане. Таа е вечна исто како што е вечна идејата да изградиме татковина која е своја на своето, која е еднаква со сите под ова сонце и која ќе биде напредна и просперитетна. Тоа битисувало и во двата Илиндена, тоа битисува и денес – пишува Мицкоски во честитката.

Додава дека сме горди на нашето минато и нема да дозволиме тоа некој да ни го погази или присвои.

-Горди сме на нашите предци и на нивната саможртва да ја изградат Македонија. Тие се нашиот пример дека со сплотеност и одлучност можат да се постигнат сите цели. И денес како и пред еден век се справуваме со внатрешни и надворешни предизвици, но минатото не учи дека со обединетост, достоинство и верба во правдата ќе изградиме подобра иднина. Нека е вечен празникот Илинден. Нека е вечна Македонија – стои во честитката на Мицкоски по повод Илинден.