Европската комисија е многу загрижена за последните случувања во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Македонија, особено во однос на Судскиот совет и за таа цел во земјата испраќа оценска мисија за неговата работа, изјави за МИА портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, во пресрет на денешниот почеток на дводневната посета на шефот на мисијата, Бранко Хрватин на Скопје.
– Советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и да биде заштитен од несоодветно влијание. Со оглед на најновите случувања поврзани со Судскиот совет, Комисијата ќе испрати мисија за оценување на работата на Судскиот совет и неговата правна рамка, со цел дополнително да се зајакне транспарентноста, независноста и кредибилитетот на Советот, вклучително и на неговите членови – вели Писонеро.
Со престојот на првиот човек на оценската мисија, Хрватин, кој е поранешен претседател на Врховниот суд на Хрватска, официјално ќе биде означен почетокот на нејзината работа.
Според најавите, прво ќе биде идентификуван обемот на работата што ќе ја врши оценската мисија, по што таа ќе биде комплетирана од тим од експерти од земјите членки на ЕУ, кои во септември ќе ја посетат земјава.
Писонеро во изјавата за МИА додава дека Комисијата внимателно ја следи ситуацијата во земјава во врска со спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ и за тоа дава оценка во своите годишни извештаи за проширувањето.
– Тие, исто така, темелно се адресирани во скринингот, како дел од процесот на пристапни преговори. Скринингот треба да се искористи во целиот потенцијал за да се забрзаат ЕУ реформите – додава Писонеро.
Доколку се направат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе биде по автоматизам, без можност за вето и дополнителни одлуки, вели во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир.
Оценската мисија претходно во интервју за МИА ја најави и шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, кој изјави дека препораките што ќе произлезат од мисијата, би требало да го зајакнат Судскиот совет да си ги врши своите задачи.
– Ова буквално значи дека испраќаме луѓе на исти позиции, значи судии, луѓе кои биле дел од судските совети на различни земји членки на ЕУ, да дојдат, да видат каква е ситуацијата, да го разгледаат законодавството за да видат дали има одредени слабости кога станува збор за транспарентност, кривична одговорност, да се сретнат со сите засегнати страни со цел да видат како е спроведено, и потоа да дадат препораки кои би требало да го зајакнат Советот за да си ја врши својата обврска, која, како што кажав, е да ја заштити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите – нагласи евроамбасадорот Гир во интервјуто за МИА.