Aакциската контрола на Секторот за внатрешни работи од Скопје, во саботата, откри дури 16 возачи што во алкохолизирана состојба управувале со моторно возило. Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР-Скопје во доцните вечерни часови направи акциска контрола за откривање возачи што управуваат со возило под дејство на алкохол и управуваат моторни возила со поголема брзина од дозволената.
Полициските службеници запреле вкупно 130 возачи, a кај 16 од нив утврдиле присуство на алкохол, додека еден од нив одбил алкотестирање. Откриени се и 47 други прекршоци, за кои се издадени 28 мандатни платни налози и 13 прекршочни платни налози. Во однос на управување моторни возила со брзина поголема од дозволената, констатирале дека 60 возачи ја пречекориле брзината на движење со моторното возило, а полицијата им издала 56 мандатни налози и четири прекршочни платни налози.
Според Министерството за внатрешни работи, на територија на Република Македонија во петокот и саботата се случиле вкупно седум сообраќајни несреќи. Во несреќите пет лица завршиле со тешки телесни повреди, а две со полесни.
Во Велес, пак, патничко моторно возило удрило во велосипед, при што повредениот велосипедист подоцна бил пренесен со возило на итна медицинска помош во Општата болница во Велес, за укажување лекарска помош. Во Штип патничко моторно возило удрило во пешак на возраст од 15 години, при што повредениот бил пренесен во Клиничката болница во Штип. Од Секторот за внатрешни работи велат дека работат на целосно расчистување на случаите.