Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека решението што е постигнато со општиот колективен договор за јавниот сектор треба да го прифатат сите, како и дека може да се направи повеќе но оти за тоа треба да бидат подготвени сите.
Битиќи во гостување на телевизија „Канал 5“, вечерва потенцираше дека 18 години не сакала да седне да зборува за општ колективен договор во јавниот сектор и оти сега првпат има системско решение и методологија за нивна пресметка.
– Има еден друг факт, таа Влада која што денеска најверојатно стимулира одредени кругови за да не го прифатат решението со Општиот колективен договор, има направено платите во јавниот сектор да се регулираат преку 200 правни закони или подзаконски акти. Во јавен сектор во која веројатно што секоја трета институција има различен начин на дефинирање на плати. Ние стигнавме првпат во историјата на Република Северна Македонија од независноста да имаме системско решение за платите во јавниот сектор, методологија како ќе се пресметуваат и како ќе растат секоја година почнувајќи од 2025, почнувајќи од септември 2023 – рече Битиќи.
Секој вработен во јавен сектор, дополни тој, ќе знае точно што е очекувањето по однос на платата и кој е максимумот што може да го постигне, дури и помладиот референт кој ќе почне ќе знае која е основата и кај може да стигне како помлад референт, ако напредува во кариерата кој е максимумот што може да го постигне. Знам дека имаше реакции дека тоа не ги следи и ќе бидат пониски платите отколку во приватниот сектор. Тоа е логиката. Никаде во ниедна земја немате повисоки плати во јавниот сектор од приватниот сектор, рече Битиќи.
Тој се осврна и на барањата на Синдикатот на вработените во обарзованието, науката и културата, за дополнително зголемување на платите покрај договорените 10 проценти и истакна дека вработените кои се членови на СОНК ќе добијат зголемување во септември, но и дека од 2016 година досега 2023, нето платата на наставник во основно образование е зголемена за 44 посто, а на професор во средно образование за 42 посто.
– Еден од факторите од 2016 до 2023, стапката на инфлација збирно секако не надминува 18 проценти. Нивните плати се зголемени 44 посто. И затоа решението со Општиот колективен договор што го постигнавме мислам дека сите треба да го прифатиме. Дали може да се направи повеќе, да, но за тоа треба да бидат сите спремни. Јас немам никаков проблем пак да седнеме со синдикатите, но ќе видиме каде бевме во 2016, или кај сме биле во 2000 година да зборуваме за други квалитативни работи. И јас само едно прашање и кон СОНК и кон сите други, затоа што пружената рака за решавање на проблемот за потпишување на Општиот колективен договор исто така не повикува кон сите други граѓани. Во јавниот сектор се околу 130 илјади. Кај се другите вработени во другите сектори и кај се реално сите граѓани коишто се опслужуваат од овие луѓе коишто работат во јавниот сектор – рече Битиќи.