Задолжителен услов, од кој Бугарија нема да отстапи, е вклучувањето на македонските Бугари во Уставот на Македонија. Ова му го посочи потпретседателката Илијана Јотова на Кристијан Даниелсон, државен секретар за прашања на Европската унија на Кралството Шведска, соопшти прес-службата на шефот на државата. Меѓу главните теми на разговорот меѓу двајцата соговорници на „Дондуков“ 2 беше и проширувањето на Европската Унија.
– Очекуваме Скопје реално да го спроведе Договорот за добрососедство, како и двата заеднички протоколи. Темелна вредност на Европската Унија е почитувањето на човековите права. Таму каде што не се заштитени човековите права, нема Европска Унија – рече Јотова.
Даниелсон се заблагодари за поддршката на Бугарија за време на минатото шведско претседавање со Советот на ЕУ, како и за членството на Шведска во НАТО, додаваат од прес-службата.
– Се надеваме на позитивен развој на есен во однос на приемот на Бугарија во Шенген. Мојата земја одамна ги исполни критериумите за членство, таа е сигурна надворешна граница на Европската Унија. По оставката на премиерот Марк Руте, не знаеме каков ќе биде ставот на Холандија – рече Јотова и посочи дека Бугарија се потпира на поддршката на Шведска.
Со 526 гласа „за“, 57 „против“ и 42 воздржани, Европскиот парламент денеска во Стразбур гласаше за поддршка на новиот повик за прием на Бугарија и Романија во Шенген. Ова е вторпат европратениците да инсистираат Советот на ЕУ да постигне едногласност, откако во 2011 година беше објавена подготвеноста на двете земји.