Турам и Веа со трансферите во Италија одат по стапките на своите татковци, а во овој период на сцената се и други синови на фудбалски легенди, како Холанд, Бекам, Малдини, Клајверт, Симеоне, Киеза…
Францускиот фудбалски напаѓач Маркус Турам (25) ги следи стапките на својот татко, преселувајќи се во италијанската Серија А, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Турам потпиша петгодишен договор со финалистот од Лигата на шампионите, Интер, завршувајќи го враќањето во својата земја на раѓање (роден е во Парма).
– Ја гледав Серија А кога бев дете и видов многу шампиони. Доаѓањето во Серија А за мене е како да се вратам дома – рече Турам, кој се приклучува со слободен трансфер откако реши да не го продолжи договорот со Борусија Менхенгладбах, каде што играше во претходните четири сезони.
Таткото на Турам, Лилијан, кој стана светски првак со Франција во 1998 година, играше како дефанзивец за Парма и за Јувентус. Маркус Турам влезе како замена во селекцијата на Франција во поразот од Аргентина во финалето на Светското првенство во минатата година.
Крилниот напаѓач на САД, Тим Веа (23), го комплетира трансферот во Јувентус, исполнувајќи го сонот што некогаш го имаше неговиот татко да игра за познатиот италијански клуб, пишува АП. Веа, кој му е син на поранешниот играч на годината во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и сегашен претседател на Либерија, Џорџ Веа, потпиша петгодишен договор со Јувентус.
– Ништо од ова немаше да биде можно без љубовта и поддршката од моето прекрасно семејство. Им благодарам на сите во Јувентус што веруваа во мене и ми ја дадоа оваа можност да го претставувам овој легендарен клуб – напиша Веа во објавата на Инстаграм.
Таткото на Веа исто така играше во Италија, за Милан, но неодамна изјави за италијанскиот весник „Газета дело спорт“ дека сакал да игра за Јувентус, пишува АП.
– Се заљубив во Јувентус кога Мишел Платини играше за него и ако ме прашаа во кој друг тим би сакал да играм, ќе кажев Јувентус. Навистина се надевам дека порано или подоцна ќе го видам Тим како игра во Италија – изјави Џорџ Веа.
Јувентус ќе му плати на Лил 10,3 милиони евра, на две рати, за Веа, плус до 2,1 милиони евра во бонуси, пишува АП. Веа играше за Лил од 2019 година. Пред тоа беше на заем во Селтик од Пари сен Жермен. Тој освои три титули во француското првенство со ПСЖ и со Лил, а му помогна на Селтик да ја освои титулата во Шкотска. Веа играше 31 пат за САД и постигна четири гола. Тој беше дел од тимот што стигна до осминафиналето на Светското првенство минатата година во Катар.
Турам и Веа се двајца од неколкуте синови на поранешни фудбалски легенди што сега се во центарот на вниманието. „Би-би-си“ состави и една листа со уште неколку сина на познати фудбалски ѕвезди.
Така, Брентфорд го ангажира синот на Дејвид Бекам, Ромео, кој досега беше член на Интер Мајами, а сега ќе настапува за Б-тимот на Брентфорд. Таткото на Ромео, Дејвид, играше за Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, ЛА галакси, Милан и за ПСЖ во текот на 20-годишната фудбалска кариера и беше капитен на репрезентацијата на Англија.
Норвежанецот Ерлинг Холанд е во неверојатна голгетерска форма за Манчестер сити, клуб за кој играше и неговиот татко Алф-Инге Холанд, но во одбраната и во средниот ред. Алф-Инге настапуваше и за Нотингем форест и за Лидс, каде што е роден Ерлинг Холанд.
Даниел им се придружил на својот татко Паоло и дедо Чезаре како третиот Малдини што играл за Милан во Италија. Паоло Малдини се смета за еден од најголемите дефанзивци на сите времиња, кој освои седум титули во Италија во Серија А и пет трофеи во Лигата на шампионите за време на кариерата во која одигра повеќе од 1.000 натпревари. Неговиот син Даниел игра на позицијата офанзивен играч за врска, а досега беше на заем во Специја.
Од другите, Џастин Клајверт, сега член на Борнмут, е син на еден од најдобрите стрелци на холандската репрезентација, Патрик Клајверт, кој своевремено беше член на Ајакс, Милан, Барселона… Џастин Клајверт претходно играше за Ајакс, Рома, Лајпциг, Ница, Валенсија… Џовани Симеоне, италијански првак со Наполи, е син на тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне. Федерико Киеза, сега член на Јувентус и европски првак со Италија од 2021 година, е син на Енрико Киеза, некогашниот репрезентативец на Италија и фудбалер на Сампдорија (победник во некогашниот КПК), Парма, Фиорентина…