Конзулатот на Кралството Норвешка во Скопје од вчера официјално почне со работа, а за почесен конзул на Кралството Норвешка во Скопје е назначен Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје, кој исто така функцијата генерален конзул на Кралството Данска ја извршува веќе 16 години.
Мукаетов порача дека е чест да биде почесен конзул на Норвешка и дека целосно ќе биде посветен на унапредување на соработката меѓу двете земји.
– Јас и мојот тим ќе направиме сѐ за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји што се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката – рече почесниот конзул.
На официјално отворање на конзулатот, во присуство на министри од Владата, претставници на бизнис-заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, се обрати државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон, кој го потенцира одбележувањето 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји.
Тридецениското партнерство меѓу двете земји, како што нагласи тој, е исполнето со разновидна соработка. Исто така тој ги поздрави напорите на земјата како претседавач на ОБСЕ, како и сојузништвото во НАТО. Петерсон ја истакна и поддршката за членство на земјата во ЕУ, подвлекувајќи дека Норвешка е најголем билатерален донатор на инвестициската рамка за Западен Балкан, преку која од 2019 година се поддржани 29 проекти во Македонија, во вредност од 2,6 милиони евра, кои придонесоа за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во области како образованието и здравството.
– Можам да кажам многу примери што веќе покажуваат дека Норвешка и Северна Македонија имаат долга историја на соработка, темелена на заемно почитување и на споделени вредности. Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка ѝ е силен сојузник и партнер на Северна Македонија, поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите, и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално. Силата лежи во единството, а прогресот се постигнува преку заеднички напори – порача Петерсон, посакувајќи му успех во работата на почесниот конзул Мукаетов како влог во натамошниот развој на односите меѓу двете земји.
Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во МНР, Филип Тосевски, кој подвлече дека отворањето на почесниот конзулат претставува своевидна круна на годинашното одбележување три децении од билатералните односи меѓу Скопје и Осло.
– Вредната и голема финансиска норвешка поддршка за Северна Македонија е од големо значење за нашите реформски процеси. Поддршката што Норвешка ја дава за земјава и во однос на нашето претседавање со ОБСЕ во овие значајни геополитички времиња е исто така од големо значење – рече Тосевски, изразувајќи благодарност и уверување дека новоотворениот конзулат ќе придонесе и за унапредување на билатералната економска и културна соработка.