При користењето на базените децата задолжително да ги знаат и следат безбедносните процедури / Фото: Игор Бансколиев

Базените не само што се најчестата локација каде што се пронајдени тела на мртви деца до петгодишна возраст туку дури 69 проценти од времето кога настрадале во базен е период од денот кога тие воопшто не ни требало да бидат таму

АПЕЛ ЗА ПРЕТПАЗЛИВОСТ: РЕАЛНА ОПАСНОСТ ЗА ДЕЦАТА ПРИ КОРИСТЕЊЕ НА БАЗЕНИТЕ ДОКОЛКУ НЕ СЕ СЛЕДАТ БЕЗБЕДНОСНИТЕ ПРОЦЕДУРИ

Првите високи летни температури пристигнаа. Иако можеби многумина не се навикнати, па високите температури им дојдоа како шок, сепак низ Скопје веќе можат да се забележат деца што се капат во базени, вистински, официјални спортски објекти предвидени за таква рекреација, но и во импровизирани базени, потоа мали базени на надувување, но и во „базени“ од ископи покрај реките или дупки за вадење песок, наполнети со вода по поројните дождови… Со оглед на тоа што и официјално децата се на летен распуст, родителите им ги исполнуваат желбите, па времето го трошат разладувајќи се во базените. Сепак, и оваа детска забава има свои ризици и може да биде кобна за детските животи.

ТРАГИЧНИОТ СЛУЧАЈ ВО ХРВАТСКА КАКО СИЛНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

Оние што имаат базени веќе ги користат, а оние што немаат веќе почнаа да набавуваат и да ги полнат. Тоа е една од најголемите забави за децата во светот, бидејќи речиси нема дете што не сака да игра со вода и во вода.
За жал, во овие случаи и мала невнимателност може да донесе катастрофа, како онаа што неодамна се случи во Хрватска, кога тригодишно момче се удавило во базен од семеен дом во Пула.
– Добивме пријава во 15.49 часот и итно беше испратена екипа на адресата. Ги спроведоа сите процедури, но, за жал, ништо повеќе не можеше да се направи. Детето предолго било во водата и веќе било помодрено. Беше испратен уште еден тим, но, за жал, не успеавме да направиме ништо. Тоа е многу страшна ситуација за сите нас, а најтешка е за родителите – изјави Гордана Антиќ од Институтот за обука за итна медицина при општина Истра.
Според неофицијални информации, тригодишното момче го прославило роденденот во куќа со базен, а на роденденската забава имало и деца и возрасни. Но момент на невнимание довел до оваа страшна трагедија.
Антиќ додаде дека, за жал, ова е втор случај оваа недела мало дете да падне во базен, но, за жал, овој пат со фатални последици.
– Оваа недела имавме и еден случај кога мало дете падна во базенот во Медулин. Тие се германски туристи. За среќа, успеавме да го спасиме. За жал, овој пат не. Децата на возраст од две до пет години се особено ранливи на давење, а потребен е само момент на невнимание. За жал, имаме повеќе случаи на давење деца во базени отколку во море, па дефинитивно треба да го свртиме вниманието на тоа – заклучи Антиќ.

ОГРАДА ОКОЛУ БАЗЕНИТЕ

Според актуелната статистика, во Соединетите Американски Држави меѓу причините за сериозни трауматски повреди и за смрт во лето кај децата од една до четири години се вбројува давењето во домашни базени, независно дали станува збор за базен на надувување или, пак, за оние стандардните базени, изградени во земја. Базените се втора водечка причина за смртност и кај децата од пет до девет години.
Базените не само што се најчеста локација каде што се пронајдени тела на мртви деца до петгодишна возраст туку дури 69 проценти од времето кога настрадале во базените е период од денот кога тие воопшто не ни требало да бидат таму.
Само во 2018 година, 6.400 дечиња до 15-годишна возраст завршиле со сериозни повреди од паѓањето во базен.
Експертите предупредуваат дека физичкото присуство или само слушањето на гласовите на децата не е доволно кога станува збор за базените. Според Вилијам Рамос, член на Научниот совет за надзор на американскиот Црвен крст, децата по петгодишна возраст мора да се на дофат на рака. За оние, пак, до десетгодишна возраст, родителите мора да се на метро од нив за да можат веднаш да реагираат доколку се случи паѓање на детето во водата.
Сепак, најдобра заштита, според експертите, е ограда околу базените, која ќе биде доволно висока за да не може детето да се прекачи и да заврши во водата.
– Сигурно мислите дека базенот е безбеден затоа што е детски и има само неколку сантиметри вода. Но тоа воопшто не е така, особено за помалите дечиња, кои доколку паднат со лицето во водата, ќе имаат проблем да станат поради рамнотежата што сѐ уште ја изучуваат и не се толку моќни за да реагираат брзо – вели докторот Адам Катмарачи, извршен директор на Националниот центар за превенција од давење.
Тој препорачува ваквите базени секогаш да се празнат по користењето, за да не можат децата сами да влезат во водата, иако нејзиното количество е мало.
Децата најчесто се дават поради тоа што не се свесни за опасноста што ги демне. За нив водата е забава, место каде што можат да играат и да се забавуваат. Дури десет проценти од давењата на децата се случиле во детските шарени базени, кои на возрасните им изгледаат комплетно безбедно. Просечната длабочина во која децата се удавиле била околу четириесет сантиметри, но голем број давења кај дечињата се случиле и во длабочина од само пет сантиметри вода.
– Најголемиот мит за давењето е дека е бучно и дека сигурно ќе слушнете, но тоа воопшто не е така. Вообичаено, давењето е тивко и не можете да претпоставите дека се случува во моментот. Ги советувам родителите ако поради која било причина не можат да си го најдат детето, прво да проверат во и околу базените, во тоалетите и во кои било поголеми садови со вода, бидејќи воопшто не е страшно доколку детето се крие во плакар, тогаш не е прашање за живот или смрт. Но доколку е со лицето кон дното на базенот, во тој случај во прашање се секунди – истакна д-р Катмарачи.