Фото: Игор Бансколиев

Од 2004 година, кога европската титула ја освои Порто, во следните 19 изданија победија тимови од петте најсилни домашни првенства во Европа. Во сите тие 19 сезони и другиот финалист беше клуб од тие пет европски лиги. Откако натпреварувањето за европски првак се вика Лига на шампионите, од 1992 година, само двапати славел тим што не е од некој од петте најсилни домашни шампионати, Ајакс во 1995 година и Порто девет години подоцна. Во Лига Европа трае 12-годишна доминација, а вкупно од 2012 година тимовите од тие пет лиги освоија 26 трофеи од 26 можни во трите европски купа

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со мечевите Атлетик клуб д`Ескалдес (Андора) – Будуќност (Црна Гора) и Тре пене (Сан Марино) – Бреидаблик (Исланд), во полуфиналето на прелиминарното коло за пласман во Лигата на шампионите (ЛШ), утре почнува новата сезона на европскиот фудбал. Тоа е и последна сезона со сегашниот систем на натпревари во најсилното европско клупско натпреварување, во кое сега во групната фаза настапуваат по 32 екипи поделени во осум групи, а од следната сезона ќе учествуваат 36 тима, во една група.
Сезонава ќе биде и нова можност да се прекине повеќегодишната доминација во Лигата на шампионите, но и во Лига Европа, на најсилните пет европски лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија). Во сезоната што беше заокружена пред неколку недели триумфираа екипи од Англија и од Шпанија, откако трофеите ги освоија англиските Манчестер сити (Лига на шампионите) и Вест хем (Конференциска лига), како и шпанска Севилја (Лига Европа).
Откако во 2004 година европската титула да ја освои тим што не е од првенство што е едно од најсилните пет во Европа, кога трофејот го освои португалски Порто, со тренерот Жозе Мурињо, во следните 19 изданија на Лигата на шампионите девет пати славеа тимови од Шпанија, шест пати од Англија и по двапати од Италија и од Германија. Во сите тие 19 сезони и другиот финалист беше клуб од најсилните пет европски лиги (девет пати од Англија, четири пати од Италија, трипати од Германија, двапати од Шпанија и еднаш од Франција). Во шест финалиња играа тимови од иста земја… Откако натпреварувањето за европски првак има име Лига на шампионите, од 1992 година, само двапати славел тим што не е од некоја од тие пет лиги, холандски Ајакс во 1995 година и Порто девет години подоцна.

Во групната фаза за новата сезона на Лигата на шампионите директно се пласираа 26 екипи, 19 се од најсилните пет, а од други шампионати има седум тима, и тоа Порто, Бенфика, Црвена звезда, Феенорд, Салцбург, Селтик и Шахтер, а ќе играат уште најмалку пет од вкупно шест тима што играјќи во квалификациите ќе се пласираат во групната фаза.
Во Лига Европа (ЛЕ), пак, има доминација на екипи од Англија, Шпанија и од Германија, кои ги освоија сите трофеи од 2011 година, кога победи исто така Порто, во тогашното португалско финале со Брага. Потоа осум трофеи заминаа во Шпанија, три во Англија и еден во Германија.
За разлика од Лигата на шампионите, во финалињата во овие години на доминација во Лига Европа имаше екипи што не се од најсилните пет домашни првенства, и тоа од Шкотска, Холандија и од Украина. Квалификациите за новата сезона во Лига Европа почнуваат на 10 август.
Доминацијата на клубовите од најсилните пет првенства во Европа продолжи и во новото натпреварување, Конференциската лига, откако првите две изданија ги освоија клубови од Италија (Рома) и од Англија (Вест хем). Квалификациите за новата сезона почнуваат на 13 јули.
Вкупно, од 2012 година тимовите од петте најсилни европски лиги освоија 26 трофеи од 26 можни во трите европски купа. Н.М.