Европа има три места на олимпискиот фудбалски турнир за мажи во 2024 година, не сметајќи го домаќинот Франција, кој автоматски се пласира. Победник на претходното издание на младинското континентално првенство, во 2021 година, е Германија

ПОЧНУВА ЕП ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА

Комплетирани се составите на репрезентациите за утрешниот почеток на 24-то Европско првенство за фудбалери до 21 година, кое ќе се игра во Грузија и во Романија. Вкупно 16 репрезентации ќе играат за титулата и за медалите, но и за пласман на Летните олимписки игри в година во Париз.
Победник на претходното издание на младинското континентално првенство, кое се играше во Унгарија и во Словенија, е репрезентацијата на Германија, која во финалето ја победи селекцијата на Португалија со 1-0, за третата титула на европските шампионати за фудбалери до 21 година. Шпанија и Италија се најтрофејните репрезентации во оваа возрасна категорија, со по пет титули.
Европа има три места на олимпискиот фудбалски турнир за мажи во 2024 година, не сметајќи го домаќинот Франција, кој автоматски се пласира. На тој турнир ќе учествуваат најдобрите три репрезентации на годинашното Европско првенство за фудбалери до 21 година (освен Франција, како и Англија, која не може да се пласира на Летните олимписки игри во 2024 година), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). На олимпискиот турнир играат репрезентации во чии состави се фудбалери до 23 години, како и тројца повозрасни играчи.
На овие младински европски првенства одлични игри имале некои подоцнежни фудбалски ѕвезди, а наградите за најкорисни фудбалери ги освоиле, меѓу другите, и Руди Фелер, Лорен Блан, Давор Шукер, Луис Фиго, Фабио Канаваро, Андреа Пирло, Петр Чех, Хуан Мата…, а „златната копачка“ за најдобар стрелец ја освојувале Пирло, Клас-Јан Хунтелар, Алваро Мората…
Македонската репрезентација има едно учество на европските првенства за фудбалери до 21 година, во 2017 година, на шампионатот во Полска.
Состав на групите за ЕП 2023: група А: Грузија, Португалија, Белгија, Холандија. Група Б: Романија, Шпанија, Украина, Хрватска. Група Ц: Чешка, Англија, Германија, Израел. Група Д: Норвешка, Швајцарија, Франција, Италија. Првите две репрезентации од секоја група ќе се пласираат во четврт-финалето. Н.М.