Сончева везба

Се кроти рака во рака,
насмевки денот го златат,
се ројат желби ко птици
згрнати в сончеви јата.

Се топат во копнеж,
волшебен предел ги мами,
деца а чиниш бели
лебеди в езеро сами.

Се ткае сончева везба –
Украс на денот летен,
детството ѓердан е нежен
од топли трепети сплетен.

Се весели око во око,
бранче со бранче се гушка.
Две птици сами што беа
сега си најдоа друшка.

Перо Миленкоски

Што си игра Влатко
од понеделник до недела

Понеделник

Денес сум мајстор
мешам вар и кал.
Кревам куќи високи
иако сум мал.

Вторник

Лекар сум, имам
слушалки на уши.
Брзај дете кај мене
болка штом те гуши.

Среда

Бродот што го направив
плови низ цел свет.
Со него ќе минам
континенти пет.

Четврток

Граничар сум, пушка стегам,
војник јас сум млад.
Си ги чувам слободата
и родниот град.

Петок

Нов вселенски брод
денес градам јас.
Со него сум решил
да појдам на Марс.

Сабота

Оџаците јас ги чистам,
тоа е тешка работа.
Оџачар сум млад и весел
во секоја сабота.

Недела

Денеска мама и тато
уште од рани зори
со авион ќе ги прошетам
над родните зелени гори.

Евгенија Шуплинова

Светулки

Нежни како ѕвездички
во ноќите летни,
летаат низ шумички,
крај ливади цветни…

Тивко, тивко, нечујно,
ни бучат, ни зујат,
треперат и светкаат,
ко да се на струја.

Децата се летово
крај езеро, река,
а таму светулката
навечер ги чека.

Па често се прашувам,
а и тебе дете,
дали и светулките,
се на распуст летен?

Наум Попески

Јуни почекај!

Дојде јуни месец летен
радост разбуди кај секое дете.
Училишната чанта оди да одмора
како и моливчињата и тетратката стара.
Учениците сега ќе ги шират видиците
слободни како птиците.
Лектирите, и тие ќе дојдат на ред
но најпрво треба да се купи сладолед.
Тротинетот да се извади и отпакува
да се потсетиме како со него се ракува.
Ќе мора и по топка да се трча,
да се пешачи и на дрво да се качи,
да се открива што секое камче значи.
А на крајот од денот, со насмевка
пред да заспие уморното главче,
да се направи план за прошетка
по некое ново сокаче.
И кога уморните ноџиња
навидум ќе се смират,
на крилјата на сонот
тие ќе продолжат да маршираат.

Еден-два, еден-два,
еј, јуни, почекај нѐ,
викаат децата в глас.
Летото никаде не може да оди без нас!

Марија Таушанска