Фото: Стефанија Милевска

Перформансот е дел од истоимениот проект за собирање стар непотребен текстил од граѓаните на општината Кавадарци и отворање работилници за креативна реупотреба
на стар текстил

Модната дизајнерка Сара Милевска на плоштадот во Кавадарци реализираше уметнички перформанс

Дали воопшто размислуваме за текстилниот отпад, колкаво количество продуцира едно просечно македонско семејство, една улица, населба, цел град или цела држава? Каде се депонира текстилниот отпад и колку време е потребно за негово целосно разградување? Еден голем прашалник на оваа тема произлезе од уметничкиот перформанс насловен „Моќта на текстилниот отпад“, кој неодамна беше изведен на градскиот плоштад во Кавадарци. Дел од него беа голем број ученици од основното и средното образование, како и граѓани што во тој период се затекнаа на плоштадот.
Всушност, уметничкиот перформанс „Моќта на текстилниот отпад“ ја опфаќа проблематиката со отпадот од текстил што придонесува за загадување на животната средина, а се искористи за издигање на свеста кај луѓето, без оглед на возраста, да почнат да размислуваат за стекнување нови навики во користењето на текстилот. Истовремено перформансот послужи како едукативна алатка преку која се прикажуваат иновативни начини за намалување, реупотреба и рециклирање на облеката и текстилот, како и за негова пренамена и обновување.
Автор на овој уметнички перформанс е модната дизајнерка Сара Милевска, која овој пат имаше целосна подршка од здружението за унапредување на животната средина „Екоживот“ од Кавадарци, Центарот за современа уметност од Скопје, фондацијата „Отворено општество Македонија“ и од Општина Кавадарци. Всушност, перформансот е дел од истоимениот проект за собирање стар непотребен текстил од граѓаните на општината Кавадарци и отворање работилници за креативна реупотреба на стар текстил.

– Проектот опфаќа проблематика поврзана со отпадот од текстил како главен придонесувач за загадување на животната средина, бидејќи е потребно долго време да се распадне во природата. Поголемиот дел од ткаенината и облеката завршува на депониите, каде што во долгиот временски период на нејзино распаѓање континуирано во почвата и водите се испуштаат токсини што ја загадуваат животната средина. Дополнително, текстилниот отпад се отстранува со согорување и на тој начин во атмосферата се испуштаат штетни и отровни гасови. Состојбата е уште поалармантна затоа што сме сведоци на сѐ почестото присуство на синтетички текстил, во чие производство се употребуваат различни хемикалии што имаат поголемо негативно влијание врз животната средина. Токму затоа сметав дека изведбата на овој уличен уметнички перформанс, поврзан со влијанието на текстилниот отпад врз животната средина, тука, на градскиот плоштад во Кавадарци, пред очите на самите минувачи, може да биде еден од најдобрите начини да се привлече вниманието на јавноста. Особена ме израдува тоа што слободата на интерактивност за време на перформансот ја разбуди љубопитноста кај децата и тие активно се вклучија и изработија сопствени уметнички дела со еколошки пораки – вели модната дизајнерка Сара Милевска.
Со помош на фотографиите што за „Колибри“ ги направи Стефанија Милевска можевме да ги регистрираме атмосферата на градскиот плоштад и заинтересираноста на децата самите да се вклучат во перформансот.