Фото: Фејсбук

Превозот на товар меѓу Србија и Северна Македонија, што се врши во или од трети земји, со еколошки возила, ќе се либерализира, односно ќе биде ослободен од режимот на дозволи од 1 август, изјави денеска српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.

Во соопштението на Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, се наведува дека ова е резултатот од договорот постигнат на состанокот на Мешовитата српско-македонска комисија за меѓународен патен превоз на патници и товари што се одржа во Охрид на 5 и 6 јуни.

-Договорено е транспортот на товар „до ​​и од трети земји“, кој се врши со еколошки возила – возила од категоријата „зелено возило“ и погоре (ЕВРО 2, ЕВРО 3, ЕВРО 4, ЕВРО 5, ЕВРО ЕЕВ и ЕУРО 6) се иззема од режимот на дозволи, односно го либерализира, почнувајќи од 1 август годинава. Исто така, либерализиран е и билатералниот карго превоз и карго превозот во транзит – рече Весиќ во соопштението објавено на интернет страната на српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Весиќ вели дека ќе остане симболичен број на дозволи, помалку од сто, од двете страни за транспортери со нееколошки мотори, односно дизел мотори ЕВРО 0.

-Тоа се мали транспортери кои живеат и работат од двете страни на границата, па сакавме да ги оставиме да работат со обврска во иднина да ги заменат нееколошките возила со еколошки – посочи Весиќ.

Српскиот министер истакна и дека е постигнат голем успех во однос на меѓународниот превоз на патници во патниот сообраќај, бидејќи е договорено од 15 јуни годинава алтернативниот превоз на патници да се врши без дозволи.

Весиќ рече дека преговорите биле многу успешни и му се заблагодари на македонскиот колега Благој Бочварски за заедничката работа. Договорот меѓу двете страни е направен врз основа на иницијативата „Отворен Балкан“ и целите утврдени со Меморандумот за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан.

-Договорот ќе придонесе за натамошно отстранување на административните бариери, што дополнително ќе ги зајакне економиите на двете земји, а на економијата и граѓаните ќе им биде олеснето движењето на луѓе и стоки во регионот на Западен Балкан – се наведува во соопштението.