Улогата на науката е многу важна за развојот на општеството и за секојдневниот живот на луѓето. Со одбележувањето на 10 ноември, Светски ден на науката за мир и развој, сакаме да го потенцираме и придонесот на науката на сите полиња без кои не би можело да се замисли едно современо општество.
Ова денеска го истакна ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски на одбележувањето кое се одржа во Ректоратот на УКИМ. Посочи дека дека една од нивните заложби е да го свртат вниманието кај сите фактори во државата кои одлучуваат за одвојување финансиски средства за науката.
– За науката се одвојуваат премалки средства односно 0,1 отсто од БДП. Тоа е премалку во регионални и светски размери кога знаеме дека и околните земји одвојуваат од 0,4 до 0,8 отсто од БДП. Се залагаме да се одвои поголем процент за науката, додаде Јанкуловски.
Во рамки на одбележувањето, на шестмина научници на УКИМ кои покажале врвни резултати во научно-истражувачката дејност, им беа доделени награди за 2017 година, а тие се д-р Даница Крстовска од Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет, д-р Владимир Трајковиќ од Институтот за информациски системи и мрежни технологии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет, д-р Иван Блинков од Катедрата за земјиште и вода на Шумарскиот факултет, д-р Весна Боцевска од Катедрата за математика и статистика на Економскиот факултет и на д-р Томислав Станковски од Катедрата за медицинска физика на Медицинскиот факултет.
Проф.д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, кој предава медицински предмети, рече дека наградата за него претставува чест и задоволство и ќе претставува поттик за понатаму.
– Сепак напорниот труд во последните 20 години вроди со плод. Во Македонија да се занимава човек со наука е повеќе од сизифова работа, бидејќи државата одвојува многу помалку средства за науката, а сепак се бараат големи и врвни дострели. Во изминатата година успеав да објавам неколку трудови и имав неколку предавања на врвни конференции во светот, додаде Трајковски.
Во рамки на одбележувањето на Денот на науката во Ректоратот се одржа трибина на тема „За образованието и науката во Република Македонија“.