КОШАРКА

За најкорисен кошаркар на финалната серија е прогласен играчот на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски

Кошаркарите на МЗТ Скопје ја впишаа и десеттата шампионска титула во Македонија, четврта во низа, откако во финалната серија до три победи, третпат го совладаа Пелистер, овој пат во Битола со 92-83 (првите две средби се одиграа во Скопје 84-64 и 75-67). МЗТ Скопје и лани славеше во финалната серија на дуелите со пелистерци, со 3-1.

За најкорисен кошаркар (МВП) на финалната серија е прогласен играчот на МЗТ Скопје, Војдан Стојановски, кој на третиот меч уфрли 33 поена, на вториот 23, а на првиот 11. Задоволството од освоената титула не го криеше и неговиот брат, капитенот на клубот, Дамјан Стојановски, кому ова му беше осма титула.
– Знаевме дека клучот за победа, особено на гостински терен, е одбраната, оти Пелистер има одлични кошаркари. Во домашното првенство ги оправдавме очекувањата, но, сепак, жалиме што не успеавме да опстанеме во АБА-лигата каде што имавме седум победи. Се надевам дека во претстојната сезона ќе се вратиме во елитната конкуренција. Нашата земја има таленти, да се обрне внимание на младите играчи, да им се даде шанса, оти само така ќе имаме поголем квалитет, а со тоа и македонското првенство и репрезентација ќе бидат на повисоко ниво – рече Дамјан Стојановски.

МЗТ Скопје сезонава триумфира и во Купот на Македонија. Г.И.