Пјонгјанг соопшти дека ќе преземе соодветни мерки против „лудилото на воените подбуцнувачи“.
– Нивниот заговор воено да не скршат е уште еден јасен показател дека лудилото на непријателските воени подбуцнувачи достигна точка каде што веќе не може да се занемари – јави државната новинска агенција КЦНА.
Се додава дека „бесната нуклеарна врева меѓу САД и марионетските воинствени лидери“ сигурно ќе доведе до соодветни одговори.
Се нагласува дека Северна Кореја ќе продолжи да ги развива своите програми за оружје и оти „легитимно право на една суверена држава е да има помоќни средства за самоодбрана“ за да се брани од „сериозни ситуации и потенцијални закани“.
Американските и јужнокорејските сили од март оваа година организираат интензивни воени вежби, вклучувајќи воздушни и поморски вежби. Меѓу другото, во вежбите учествуваат американски носач на авиони и тешки бомбардери.