Во услови на растечка сиромаштија и енормна стапка на инфлација, Владата предводена од социјал-демократи не нуди никакви суштински мерки за заштита на социјално загрозените граѓани, за што говорат мегаломанските профити на современите лихвобанкари – обвинија од „Левица“.
Дека од кризата се погодени само најсиромашните граѓани, според „Левица“, потврдува заработката на банкарскиот сектор, кој од година во година се зголемува, благодарение на отсуството на волја кај Владата да воведе сериозни ограничувања на банкарските давачки.
„Покрај банките, својата шанса да профитираат од кризата ја увидоа и друштвата за издавање на брзи кредити, на кои главните приходи им се базираат на камати и административни трошоци за позајмени пари. Вкупниот приход на сите небанкарски финансиски друштва што се занимаваат со кредити (31 на број) во 2021 година изнесувал 46,8 милиони евра, а нивната вкупна нето- добивка изнесувала 10,5 милиони евра!
Министерството за финансии минатата година до Владата поднесе предлози за промена на Законот за финансиски друштва, со кои „се зголемува заштитата на граѓаните’’ при користење на ваков тип на услуга. Но, лицемерието и наводната грижа за граѓаните се гледа во тоа што Министерството за финансии единствено бара да се зголеми главнината за отворање на ваков тип друштво – додека не предложува конкретни мерки за заштита на граѓаните, ниту пак за намалување на каматите и административните трошоци, кои се главните извори на заработка на овие друштва – наведуваат од партијата.
Оттаму порачаа дека како единствена парламентарна партија која е ослободена од стегите на олигархијата, се залагаат за целосно укинување на ваков тип финансиски друштва (кои нудат услуги на брзи кредити поради лихварски камати и предизвикување должничко ропство на клиентите), како и воведување државна комерцијална Банка за бескаматно кредитирање на населението.