Собраниската Комисија за европски прашања попладнево продолжи со расправата по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање – втор од петте закони во кои треба да се интервенира согласно договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на делници од коридорите 8 и 10д, откако во петокот ја исцрпи расправата за измените на Законот за работни односи. Потпретседателката на Комисијата за европски прашања Арта Биљали-Зендели ја прекина седницата и соопшти дека утре во 11:30 часот ќе се одржи продолжението на истата седница.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека Владата не ги послушала ниту забелешките од Комората на овластени архитекти и инженери кои, како што посочија, укажуваат дека процесите за урбанистичко планирање, проектирање, вознобнување и изградба треба да се забрзаат, но сепак остануваат на ставот дека дел од пропишаните процеси не смеат да бидат заобиколени. Тие посочија дека власта носи измени на законот „под превезот на европско знаменце“, со цел, како што рекоа, да го „реализираат криминалот на насилен начин, а тоа е на штета на процесот на отпочнување на преговори со Европската унија“. Додека, пак, за пратениците од власта, измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко градење во никој случај не одат на прескокнување на постапка и не нарушува постоечката регулатива која што е и на кое што почива урбанистичкото планирање во оваа држава.
Олга Лозановска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Комората на овластени архитекти и инженери ги разгледала материјалите објавени на веб-страната на Собранието за седницата број 112 во врска со пакетот на предлози за законски измени, особено на предлог на законот за именување и дополнување на Законот урбанизам и планирање по скратена постапка и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка и укажуваат дека процесите за урбанистичко планирање, проектирање, вознобнување и изградба треба да се забрзаат, но сепак остануваат на ставот дека дел од пропишаните процеси не смеат да бидат заобиколени. Како што посочи Лозановска, со дел од предлог законски решенија со кратење на постапките истите стануваат нетранспарентни, а со преиначување на постапките се нарушуваат професионалниот пристап во инженерскиот дел на објектите со недопадливи негативни импликации од секој аспект.
-Објектите од стратешки интерес особено инфраструктурни градби од рангот на вака високо инвестиции од стотици километри со широки коридори, автопатишта со сите пропратни ленти на трасата мора да ги поминат сите механизми на контрола од страна на професионалните инженерски и институционални филтри уште посериозно од сите други типови на објекти. Комората на овластени архитекти и инженери особено инсистираат да се скратат роковите за постапката но не смее да се скратат постапките, да не се отстапува од постоечките елементи за аплицирање со ова најважно се заштитува јавниот интерес, се минимизираат штетите и се превенираат несогледливите последици од можен напад врз јавното добро. Со овие закони вие го уништувате национално законодавство. Веќе ние сме сведоци дека од трезор се префрлени пари преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за екологија и ЈП за државни патишта од 120 милиони евра, тоа се пари на граѓаните на компанијата изведувач. Да ми кажете дали изградивте нешто? Ништо немате изградено. Ниту шајка заковано, а веќе државата плаќа пеналии. Да, ние сме да се гради, но меѓутоа не да се кради – рече Лозановска.
-Предлог законот за измени и дополнување на Законот за урбанистичко градење значи измените кои се предлагаат и дополнувањата во никој случај не одат на прескокнување на постапка, но тоа не значи дека постоечката регулатива која што е и на кое што почива урбанистичкото планирање во оваа држава без разлика дали се работи за стратешки проект, проект од јавен интерес или било кој друг проект, не се нарушува – истакна Снежана Калевска Ванчева, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во реплика на пратеничката Лозановска.