Кинотеката, по повод својот роденден на 29 април, секоја година го доделува признанието „златен објектив“ на филмски работници, кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Управниот одбор на Кинотеката на Македонија ги прогласи Тонкица Митровска, аниматорка, и Љупчо Константинов, композитор на филмска музика, за добитници на наградата „златен објектив“ за 2023 година. Признанијата и пригодните стилизирани значки ќе им бидат врачени на настанот што Кинотеката ќе го организира во текот на мај.
Тонкица Митровска (р. 1948), дипломирана графичарка по образование, е една од првите што работат на анимиран филм во Македонија. Таа во својата кариера има соработувано со сите автори и режисери и е инволвирана во речиси сите филмови што се во опусот на т.н. „Скопска анимирана школа“, односно на Студиото за анимација на „Вардар филм“, кое практично е формирано како Одделение за анимација при „Вардар филм“ во мај 1975.
Љупчо Константинов (р. 1946) е композитор и автор на филмска музика. Дипломира на Музичката академија во Белград. Како автор на музика се јавува во играни, документарни и анимирани филмови, во голем број ТВ-филмови, серии и драми, како и во над 60 театарски претстави. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: за музиката во филмот „Среќна Нова ‘49“ ги освојува наградите „златна арена“ за оригинална филмска музика на ФФ во Пула (1986) и бронзена плакета „Милтон Манаки“ за музика на ФФ во Битола (1986), а добитник е и на три златни лаврови венци на МЕСС – Сараево, за театарските претстави „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“, добива и награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“, потоа на театарските игри „Војдан Чернодрински“ добива награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“ итн.
В.Д.