Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е исчезната од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, соопштија од општината Струга.
Исто така бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите.
Кражбата е пријавена во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
-Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови! – велат од општината.
Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.
Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата.