Масивни клевети и лаги од Центарот за проучување на демократијата од Софија:
Центарот за проучување на демократијата од Софија во својата најнова статија за „ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа“ од страна на Москва пишува дека фрапантни „шест милијарди американски долари што потекнуваат од руски извори се слеале прикриено и незаконски во македонските финансиски текови од 2000 до 2020 година“?!
Повеќе наши соговорници, економско-финансиски и безбедносни експерти и професори, кои го анализирале споменатиот текст, велат дека „од наведената статија токму Центарот за проучување на демократијата од Софија се промовира како врвна институцијата за ширење дезинформации и за дестабилизација на демократиите во Југоисточна Европа“!
Според соговорниците, „статијата е досега најопасното оружје на хибридна војна против НАТО, Македонија и другите сојузници на Алијансата“.
Имено, текстот што е направен наменски, бескрупулозно, неаргументирано“ го клевети и напаѓа безбедносниот систем на НАТО, под чиј чадор се вклучени речиси сите држави од Југоисточна Европа, ширејќи опасни лаги за самите држави, државни лидери и други поединци, и неосновано ги набедува за нелегални трансакции на големи суми, перење пари, организиран криминал и масивно поткопување на демократијата“!
Тешка пропаганда и обид за тотална ерозија надемократијата, безбедноста и поредокот на државите во ЈИЕ,развивани по евроатлантски терк
Клеветата за инјектирањето шест милијарди долари во земјава во период од две децении е продукт на опскурен центар, кој воопшто не е за потценување. Очигледно пропагандната војна, особено сега по избувнувањето на оружените дејства во Украина, се одвива паралелно со онаа што се води со оружје, така што секоја информација треба многу добро да се провери, за „многупати повторените лаги, јавноста да не ги прифати како вистина“. Токму затоа се и проектите за медиумска писменост во државава и пошироко во регионот, кои ќе резултираат со препознавање на ваквата валкана пропаганда и во иднина јавноста многу пожестоко ќе ги осуди ваквите обиди „нашата земја и меѓународните безбедносни и европски институции во кои членуваме, да бидат етикетирани како село без кучиња“?!
Имено, главното прашање што се наметнува кога се чита пропагандистичкиот текст на Центарот за проучување на демократијата од Софија е: Како се инфилтрирале толку пари во финансискиот систем без да се забележи од каде доаѓаат тие?
Факт е дека македонскиот финансиски систем е етаблиран подолго од 20 години, а Народната банка е таа што внимателно го следи текот на парите, особено на оние што доаѓаат од непознати извори од страна. Секоја поголема трансакција е предмет на опсервација на финансиските служби, така што навистина е неверојатно тукутака (нелегално да се внесат/ изнесат) „милијарди долари“ и да не бидат забележани. Натаму, берзата регистрира берзански трансакции и алармира за сите можни нелегални трансфери на средства по основа на купопродажба на акции, што тезата на Центарот за проучување на демократијата од Софија ја прави тотално шизофрена. И деловните банки, според низа донесени закони против перење пари, се активни во системот на нелегални финансиски трансакции. Понатаму, Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР), па и други специјализирани тела имаат развиен систем на детекција, превенција и активирање механизми во вакви конкретни случаи.
И на крајот, но не како последно, во ваквите евентуални случаи се вклучуваат и специјализирани меѓународни тела, вклучувајќи и на нашите стратегиски партнери, како што се САД, кои недвосмислено со свои силни специјализирани ресурси или мешани „таск форс“ екипи промптно би реагирале!
Соговорниците тврдат дека сите овие механизми не се вклучени единствено од причина што ова што го пишува Центарот за проучување на демократијата од Софија е – измислица и најбезобѕирна лага.
Пропагандна војна со сите оружја
Тврдењето дека во Македонија завршиле шест милијарди долари де факто значи омаловажување на државата, бидејќи сака да фингира крајно порозен финансиски систем, небаре земјава е некаква банана-земја во која лесно можат да се прикријат милиони долари и да им се загуби секаква трага. Истовремено, Македонија повеќе од три децении е лојален западен партнер и целосно ги има усогласено финансиските текови со оние на ЕУ, што подразбира строга контрола на секоја трансакција. Сите македонски банки се дел од поголеми европски банки и банкарските безбедносни системи во европските држави ги опфаќаат и банките во земјава на начин што при евентуален сомнителен надворешен трансфер на пари, се вклучува алармот во централата во Женева, Брисел, Париз, Берлин, по што следува брза проверка на текот на парите. Едноставно кажано, соговорниците со доза на сатира велат дека „не може да се уплати ниту рата за купен фрижидер без шалтерскиот службеник во банката да ви побара лична карта и без да провери кој уплаќа и колку пари уплаќа“. Исто така е и при подигање пари, така што контролата е максимална.
Пред некоја година Централниот регистар во поголема акција за ажурирање на податоците избриша еден куп невладини организации и куќни совети што имаа годишен буџет по едвај 1.000 евра, па прашање е дали ќе му помине лесно некоја организација или здружение со некаква поголема сума, за која нема да може да објасни во финансискиот извештај од каде ја добил.
Понатаму, сомнежите дека пари им се префрлани на разни бизнисмени, за потоа тие преку разни трансакции со купување недвижности или други добра да ја сокриваат трагата, исто така не држат вода, бидејќи секоја ваква бизнис-трансакција мора да помине преку Македонската берза, каде што ќе се види веднаш ако се случува нешто сомнително. Македонската јавност е сведок во неколку наврати како Берзата спречуваше слични аквизиции ако утврдеше дека не може да се докаже потеклото на парите или ако акциите имаа сомнителен карактер.
Уште помалку е веројатно дел од тие пари, како што тврди во својот напис Центарот за проучување на демократијата од Софија, да завршувал во македонските медиуми. Во тој случај тие со неколкудецениско стабилно финансирање сигурно немаше да се наоѓаат пред ставање клуч на врата, одржувајќи го работењето со години на работ на рентабилност, а во најголем дел и со загуби. Впрочем, во овие две децении згаснаа повеќе медиуми, кои доколку беа финансирани од некого, немаше да доживеат таква судбина. Влезот на сомнителни пари однадвор во медиумите не може во никој случај да остане незабележан, бидејќи сите на крајот мораат да прикажат финансиски извештаи, кои не може никој да ги фингира и да скрие милиони (милијарди?!) долари, а да работи со загуби.
Милијардата на времето не помина, а камоли шест милијарди
Несомнено во таа пропагандна војна не се избираат средства, а Македонија е цел на таквите напади со кои се сака да се покаже нејзината немоќ да го заштити сопствениот финансиски систем. Истовремено, за издвојување е и целта „да се прикаже и немоќта на западните сојузници да спречат инфилтрирање сомнителен капитал во финансиските текови низ Европа, што некој го користи за ширење на сопственото влијание и пропаганда“.
Финансиските експерти со кои се консултиравме сметаат дека шест милијарди американски долари, макар давани и во период од две децении, се навистина многу пари за Македонија како држава и тоа не може да помине така, а да не се почувствува некакво придвижување во некој сектор.
– Своевремено, кога лидерот на поранешната Демократска алтернатива, Васил Тупурковски, ја најави фамозната милијарда, тоа за Македонија значеше економски бум. Но кога почна да се открива на кој начин би влегла таа милијарда во земјава, целата работа брзо се стопираше. Некои од тогашните актери заглавија и на суд. Тоа беше пред 20 и нешто години, што покажува дека уште тогаш државата имала алатки да спречи влез на капитал на кој не му се знае потеклото, или, пак, доаѓа од недозволен правец. А оттогаш македонските финансиски институции сè повеќе се етаблираа, на чело со Народната банка, која од самостојноста на државата се погрижи финансискиот систем да биде стабилен и имун на какви било влијанија и потреси – велат соговорниците.
Според нив, не е можно да се внесат толку пари во земјава, како што се тврди во анализата на Центарот од Софија, без тие да бидат забележани.
– Како ќе ги внесат тие пари? Ќе му ги дадат некому? Како тој ќе го докаже потеклото? Лично не верувам дека со вакви строги контроли на финансиските институции може да помине тоа. Сето ова е дел од пропагандата во која некој сака да ја оцрни Македонија, да ја прикаже како банана-држава. Независно од политичките случувања и напредокот на земјата, од што никој не е задоволен, сепак финансискиот систем е нешто друго и ако барем нешто функционира во земјава како што треба, тоа се финансиите – заклучуваат нашите соговорници.
Многу интереси се на маса, пропагандата ќе продолжи
Како и да е, во актуелните геополитички случувања во регионот и светот сите се обидуваат подобро да се позиционираат и да ги наметнат сопствените позиции и интереси, но тоа не значи дека малите земји како Македонија лесно ќе наседнуваат на провокаторските практики.
Актуелната намера е преку манипулации да се деградира и понижи македонскиот финансиски систем, но и да се покаже дека целиот регион е буквално недоветен да се одбрани од ваквите напади.
Надвор од памет е да се верува дека во Македонија завршиле шест милијарди долари, а земјава и натаму да е една од најсиромашните во Европа и граѓаните да живеат сè помизерно. Дури и дел од тие пари да завршил во нечии приватни џебови, повторно станува збор за многу пари, кои едноставно не можат да се скријат во џеб и да не се видливи за ниту една институција.
Она што може да се заклучи е дека и ваквите „истражувања и анализи(?!)“ можеби се исто така дел од некаква пропаганда што има некоја своја цел ,која само времето ќе покаже дали ќе биде постигната. Во меѓувреме, Македонија мора да покаже зрелост дека созрева како држава, така што ќе даде силен отпор на ваквите гнасни тенденции и во таа борба ќе може да се потпре на своите партнерски и пријателски држави, со кои сме севкупно под безбедносно- политичкиот и економскиот заеднички чадор.