Здравствените работници денеска напладне ќе протестираат пред Министерството за здравство за да изразат незадоволство од, како што велат, неодговарањето на нивните барања за колективниот договор со кој се предвидува зголемување на платите.
Барањата на здравствените работници се однесуваат на анекс на колективниот договор со кој се предвидува зголемување на месечните примања за две до три илјади денари, за лекарите, односно за медицинските сестри и другиот среден кадар, кои со покачувањето на минималната плата се изедначија со хигиеничарите.
Организатор е гранковиот синдикат при ССМ и синдикатот на Клинички центар. Синдикатите соопштија дека протестот нема да предизвика застој во пружањето на здравствени услуги, но најавија и генерален штрајк во здравството доколку не се исполнат нивните барања.
Вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и на Агенцијата за филм и денеска, по петти пат, ќе го искажат незадоволството од своите месечни примања и ќе го повторат барањето за зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии. За цел предвиден е едночасовен протест пред Владата.
Во текот на нивните протести беше побарана и средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, а до него беше испратен и апел да го одобри колективниот договор со кој сите вработени ќе добијат зголемување на платата од 30 отсто.