На протестот во Битола
„Секогаш во нашите срца Јаничка“, „Сите сме Јана“, „Немаме солзи да ви ги исплачиме гревовите“, гласеа дел од пораките на транспарентите со кои битолчани попладнево побараа правда и одговори за смртта на петгодишната Јана. Тие од плоштадот „Магнолија“ прашаа и „уште колку здрави деца како Јана треба да умрат?“.
Присутните побараа целосно расчистување на причините за смртта на Јана и оставки на сите кои беа вклучени во нејзиното лекување. Со едноминутен молк беше оддадена почит на Јана, откако битолчани беа запознаени со голготата низ која поминува семејството на девојчето, преку снимена аудиопорака од нејзините родители.
Игор Петковски, кум на починатото девојче, посочи дека на плоштадот излегле за да изразат поддршка кон семејството на Јана. Меѓу присутните имаше и многу деца.
– Пораката која сакаме да ја упатиме е првично дека стоиме позади секој кој го кажа семејството Христовски. Стоиме зад нив, поддршката наша ја имаат, секогаш, затоа што веруваме дека тоа што го изјавуваат, таа е вистината. Народот и граѓаните, во тоа што се сомневаат, тоа се институциите. Но како и да е, ние сепак ќе почекаме. Најважна за нас е обдукцијата. Од тие резултати ќе видиме како делуваме од наодот и обвинителството – кажа Петковски.
Девојчето почина минатата недела на детското одделение во битолската болница. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, при што здравствените инспектори не утврдиле пропусти во лекувањето на Јана, како што соопшти ДСЗИ. Направен бил и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето. Семејството на Јана не е задоволно од извештајот на ДСЗИ. Сѐ уште не се готови резултатите од обдукцијата што треба да ја утврди причината за смртта. М.М.