Македонците со исламска вероисповед се значаен дел од македонската нација. Овие Македонци живеат во Македонија, но и во многу други држави. Некои Македонци, поради различни причини, им припаѓаат на разни вероисповеди, но тоа не значи дека со промената на вероисповедта си ја промениле и националната припадност. Четириесет години работиме на интеграција на Македонците од муслиманска вероисповед, но има огромен ѕид, бетонски, помеѓу Македонците христијани и Македонците муслимани и треба здраво да се работи за да се премости тој ѕид. А поради погрешните политики на македонската држава, особено со потпишувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, се доведовме во ситуација уште повеќе да се раздроби македонското национално ткиво…
Интервју со Исмаил Бојда
Исмаил Бојда е еден од видните продолжувачи на македонските национални и културни вредности на Македонците со исламска вероисповед во Македонија, Косово, Албанија и во Република Турција. Тој со децении се грижи за зачувувањето на националниот идентитет, обичаи и традиции кај Македонците од муслиманска вероисповед насекаде во светот. Бојда е еден од најпознатите Македонци од Гора, кој живее во Македонија и го негува делото на поетот Саме Лимани Жарноски и на проф. д-р Нијази Лиманоски, истакнати дејци меѓу Македонците со исламска вероисповед и на Сојузот на Македонците со исламска религија. Со него разговаравме за повеќе теми што се од суштинска природа за Македонците од муслиманска вероисповед, како и за проблемите со кои се соочуваат во Македонија, но и во соседните држави.
Ве молам за краток коментар за идентитетот на Македонците со исламска вероисповед.
– Македонците со исламска вероисповед се значаен дел од македонската нација. Овие Македонци живеат во Македонија, но и во многу други држави. Голем дел од нив живее во областа Гора на Косово, а повеќе десетици илјади, како македонско национално малцинство, живеат во Албанија. Десетици илјади живеат и во Турција и до денес мнозина од нив се свесни за своето македонско етничко потекло. Оттука јасно се гледа дека Македонците муслимани се нераскинлив дел од македонската нација. Верата и нацијата се различни поими и не смеат да се идентификуваат. Националната припадност се добива од раѓањето, додека човек во текот на својот живот по своја волја може да ја промени вероисповедта. Некои Македонци, поради различни причини, им припаѓаат на разни вероисповеди, но тоа не значи дека со промената на вероисповедта си ја промениле и националната припадност. Четириесет години работиме на интеграција на Македонците од муслиманска вероисповед, но има огромен ѕид, бетонски, помеѓу Македонците христијани и Македонците муслимани. Како илустрација може да се каже дека нивниот однос е како два воза што се движат на паралелни шини и никогаш нема да се сретнат. Доколку свртничарот што е задолжен за возниот ред направи грешка, двата воза може да се судрат. Многумина од Македонците со исламска вероисповед не разбираат што е нација и религија, што е постаро – нацијата или религијата. Државата е делот од нашиот вистински идентитет, но тоа сѐ уште не е разработено, не е созреано кај Македонците со исламска вероисповед. Ситуацијата дополнително се усложнува со Гораните, кои останаа непризнаени и под влијание на надворешни влијанија.
Зошто се продлабочува поделеноста на македонското национално ткиво поради конфесионалната различност?
– Поради погрешните политики на македонската држава, особено со потпишувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, се доведовме во ситуација да се раздроби македонското национално ткиво. Да не се лажеме, Бугарија не ја прифатила вистината за македонскиот народ повеќе од еден век, а ние си дадовме за право да правиме национални отстапки за да одиме во Европската Унија. Како држава, секогаш правиме отстапки по македонските национални прашања, во 1995 година под притисок на Грција го променивме знамето, надевајќи се дека тука ќе биде крајот, ама не било така. Доколку се земе предвид дека не престануваат надворешните притисоци што се насочени против македонските национални особености – јазик, култура, историја, обичаи итн., суштинска е потребата од сплотување на Македонците, без разлика на нивната религија или место на живеење.
Кои се проблемите на Македонците од муслиманска вероисповед во Косово и Албанија?
– Денес најголемиот дел од областа Гора се наоѓа во Косово. Населението на оваа област се етнички Македонци муслимани, а најголем доказ за тоа е чистиот македонски јазик што го зборуваат и покрај тоа што никогаш не живееле во македонската држава. Нивните обичаи се типично македонски, како што се адетите за свадбата од горанското село Брод, кои се идентични со адетите на познатата Галичка свадба. Во оваа област се слават и неколку православни празници иако Гораните се муслимани. Така, на пример, најголем празник во оваа област е празникот Ѓурѓовден, а масовно се слават и Божиќ и Благовец. Во денешната косовска област Гора има осумнаесет села. Во овој регион споменатите села биле македонски. Меѓутоа во изминатиов период се забележани обиди за нивно албанизирање. Од друга страна, во 90-тите години од 20 век тогашната српска власт, предводена од Слободан Милошевиќ, во контекст на тогашната политика кон Албанците во Косово, водеше политика на промовирање одделен т.н. горански идентитет, како нешто одделно од Албанците и Македонците, а последиците од оваа политика се чувствуваат и денес. Од денешен аспект треба да се споменат и активностите на бугарската држава преку нејзините дипломатски претставништва, кои се обидуваат да ги претстават Македонците од муслиманска вероисповед како Бугари, иако станува збор за народ што се одликува со македонски јазик, култура и обичаи.
Што сугерирате дека е неопходно да се преземе во врска со ова?
– Денес поради одредени државни политики, македонскиот народ е исплашен и збунет, како во политички, така и во национален поглед. Државните институции не функционираат, не се почитуваат законите и владеењето на правото, дополнително криминалот е видлив на секој чекор и не функционира здравствениот систем. Неажурноста на државата, особено во економски поглед, доведе до иселување на младата македонска популација во туѓина. Ова е особено видливо во регионите каде што живеат Македонците со исламска вероисповед, како што се општината Лабуништа или Маврово и Ростуше, од каде што се иселија и сѐ уште се иселуваат во Европската Унија. Нивното иселување е од економска причина, затоа се потребни активности што ќе обезбедат нови работни места за младите Македонци со исламска вероисповед.
Слабиот економски развој на споменатите општини и негрижата на државата доведуваат до иселување, но и до слабеење на македонскиот национален супстрат, затоа што оние што заминале во Германија или Италија потпаѓаат под влијание на асимилацијата и ги губат своите врски со татковината Македонија…
Затоа, потребни се суштествени реформи и политики што ќе ја издигнат државата на едно повисоко ниво во врска со третманот на ова прашање. Повеќе идеи од моја страна се преточени во вид на предлози, со една поширока палета од економски чекори, инвестиции, политички, културни и образовни, до надлежните и сите општествено-политички чинители што би требало да се заинтересираат за овој проблем.
Од нив очекуваме одговор што е можно поскоро.