Најмалку 10 чекори ја делат кумановската група осудена за настаните во Диво Насеље, до екстрадиција во Косово, каде бараат да го издржат остатокот од казната. Новиот министер за правда, Кренар Лога, посочува дека најпрво, осудените ќе треба да си ја доуредат документацијата, бидејќи барањата не им се во согласност со законот, пренесува „Макфакс“. Тој одби да каже дали Македонија ќе дозволи екстрадиција по завршување на процедурите.
– Не можам да кажам пред време, без да имам став од сите чинители врзани со ова прашање. Би сакал да сум воздржан. Јас го побарав досието поврзано со трансферот на кумановската група. Најголем дел од тие барања не се според тоа што предвидува законот. Остануваат уште најмалку 10 чекори до нивниот трансфер во Косово. И за ова прашање ќе треба да имаме ние согласност од двете страни. Се надевам дека за овие и други прашања ќе имаме комуникација во државата, но и со Косово – кажа Лога.
Дел од осудените за настаните од Диво Насеље, имаат косовски државјанства. Од 29 осудени, седуммина се со казни доживотен затвор, 13 казни затвор од 40 години и други пониски казни.
Осудените 28 часа пукаа на македонската полиција во Куманово, а судот ги осуди на вкупно 746 години затвор. Обвинети се за тероризам, за настаните во Куманово од 9 до 10 мај 2015 година, во кои загинаа осум полицајци.