Во предлог-буџетот на Стејт департментот за фискалната 2023 година, во делот што предвидува помош за надворешни операции, предвидени се 106,2 милиони долари за Западен Балкан, објави вечерва Гласот на Америка.
Како што е наведено во официјалниот документ на Стејт департментот, се планира американска помош за Косово, Босна и Херцеговина, Србија, Македонија, Албанија и Црна Гора за поддршка на влезот во ЕУ и соодветните реформите што мора да се спроведат.
Помошта е наменета и за напорите за спротивставување на руското и кинеското влијание и дезинформации во регионот, со посебен акцент на зајакнувањето на владеењето на правото и транспарентноста во владите, борбата против корупцијата, зајакнувањето на граѓанскиот активизам и обезбедувањето динамичен независен медиумски сектор.
– Предвидените програми ќе ги вклучат и зајакнат локалните власти и младите за да се стимулира економскиот раст, да се запре одливот на мозоци и да се промовира помирувањето меѓу различните етнички заедници – се вели во предлог-буџетот.
Програмата ќе ја зајакне одговорноста на владите преку фискална транспарентност и ќе им даде можност на граѓаните да ги мотивираат претставниците да бидат одговорни пред граѓанското општество.
Како што е наведено во предлог-буџетот, финансирањето ќе го промовира приватниот сектор да го води економски раст, енергетска безбедност и чиста енергија, кибер безбедност, стабилна финансиска и регулаторна средина за инвестиции и поддршка на дијалогот спонзориран од ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Тие инвестиции ќе го стимулираат економското закрепнување од коронавирусот, се вели во предлог-буџетот на Стејт департментот во делот за надворешни операции.
Овој буџет го предложи американскиот претседател Џо Бајден, а делови од него се разгледуваат пред комисиите на Сенатот и Претставничкиот дом на Конгресот.
Во регионалната програма за Европа и Евроазија се предвидени 108,7 милиони долари.
Американската помош ќе ги поддржи партнерите да се спротивстават на руските дезинформации и да се спротивстават на зголемената руска агресија против демократијата, човековите права, светскиот поредок, владеењето на правото и мирниот соживот.
– Американската помош ќе поддржи програми кои ги диверзифицираат изворите на зелена енергија и ја намалуваат зависноста од руската енергенси, промовираат демократска стабилност и помагаат да се намали притисокот врз европските влади и локалните заедници кои помагаат да се избегне руската неиспровоцирана, неоправдана и однапред смислена натамошна инвазија на Украина – се наведува во текстот.
Се додава дека помошта е за поддршка на иницијативи за борба против корупцијата, унапредување на регионалната соработка и економска интеграција, особено во Западен Балкан, поддршка на прекуграничните енергетски врски, промовирање на развојот на граѓанското општество, зајакнување на професионалното истражувачко новинарство, особено преку регионалните новинарски мрежи.