Жителите на белгиски Антверпен се на врвот на листата за потрошувачка на кокаин во Европа, според анализата објавена вчера од Европскиот центар за следење дрога и зависности од дрога, врз основа на испитувањата на отпадни води од домаќинствата на околу 54 милиони луѓе од 100 европски градови во текот на минатата година, пренесува „Политико“.
Количеството на траги од кокаин било највисоко во понеделниците, според истражувањето, додека во Антверпен, кој е познат и како светски центар за трговија со дијаманти, кокаинот најмногу бил користен в недела и в понеделник.
Употребата на кокаин бележи пораст од 2018 година, при што дошло до одреден пад во 2020 година, за потоа двојно да се зголеми во изминатите две години.
На секои илјада луѓе биле забележани 2.381 милиграми дневно, што е значително поголемо количество во однос на следните градови на листата – шпанска Тарагона со 1.610 милиграми и холандски Амстердам со 1.142 милиграми.
Минатата година белгиските власти запленија рекордни 110 тона кокаин на пристаништата во Антверпен, по што соопштија планови за зголемување на кадарот и за набавка на нова опрема за скенирање.
Кокаинот бележи зголемена употреба и во околните градови, како што се Брисел (се зголемила за 28 проценти) и холандските Амстердам (29), Утрехт (23) и Ајндховен (14).
Отпадните води во 100 европски градови биле анализирани и за присуство на амфетамини, екстази, кетамин и канабис, за да се добие широк приказ за употребата на дрога.
Анализата на отпадните води доби на внимание поради употребата за време на пандемијата на ковид-19, откако се покажа како корисна во следењето на ширењето на коронавирусот.