Невозможно е на 60 страници да се презентираат сите проблеми на Охридскиот Регион, велат претставниците на 17 еколошки невладини организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Поградец. Имено, тие најодговорно тврдат дека поднесениот извештај на Министерството за култура до УНЕСКО за заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот Регион не соодветствува со реалната состојба на теренот
Охридските екологисти незадоволни од извештаите поднесени до УНЕСКО за Охридско Езеро
Претставници на 17 еколошки невладини организации и граѓански иницијативи од Охрид, Струга и Поградец на прес-конференција истакнаа дека поднесениот извештај на Министерството за култура до УНЕСКО за заштитата на културното и природното наследство на Охридскиот Регион не соодветствува со реалната состојба на теренот.
Според Никола Киселинов од туристичката асоцијација „Билјана“ од Охрид, овој извештај во многу аспекти не е точен и не кореспондира со реалната состојба.
– На пример, неконтролираната урбанизација во националниот парк Галичица во извештајот е посочена на половина страница, а станува збор за голем проблем. Урбанизацијата како многу битен фактор е занемарена и не ѝ е обрнато доволно внимание. Има точни работи спомнати во извештајот, но и многу пропусти и погрешни работи, сѐ со цел да се одвлече вниманието на јавноста од проблемите – истакна Киселинов.
Тој укажа дека е крајно време да се решаваат проблемите и состојбата да се презентира онаква каква што е, а не проблемите да се ставаат под тепих.
Аријан Мароли од Мрежата на невладините организации од Албанија и Македонија посочи дека албанската и македонската влада испратиле до УНЕСКО извештаи за состојбата, а засегнатите субјекти сѐ уште не добиле никакви информации за содржината на предвидениот План за ревитализација на Охридско Езеро и Охридскиот Регион, што е предвидено со него и дали тој воопшто постои.
– Албанската страна има иницијатива за решавање на два од проблемите – оној со отпадот и почнува процесот за отстранување на јаловината. Кај македонската страна најголем напредок има во проектот за пренасочување на Сатеска во старото речно корито. Меѓутоа, за другите проблеми, досега не е сторено ништо. Проблем е што ние немаме пристап до Планот за ревитализација, за кој се посочува дека е подготвен, а ниту националниот парк Галичица, Хидробиолошкиот институт, „Проаква“, општините Охрид, Струга и Дебрца…, никој од нив нема информација што содржи тој план – рече Ароли.
Сашо Кироски, дипломиран археолог од Асоцијацијата за заштита на природното и националното богатство, истакна дека е невозможно на 60 страници да се презентираат сите проблеми со кои се соочуваат Охрид, Струга и регионот, заедно со албанската страна.
– Навистина е срамно да доаѓаме во ситуација експерти од УНЕСКО да ни посочуваат што треба да правиме на најстарото езеро во Европа… Културното наследство е во сериозни проблеми, од двете страни на езерото. Последните 15 години од Заводот и музеј од Охрид не е спроведен ниту еден проект, ниту едно научно археолошко истражување, а сето што е спомнато во проект-планот на УНЕСКО треба да се спроведе до 2029 година – истакна Кироски.
Блерим Положани од невладината организација „Капс“ од Струга, која е активна во заштитата на Охридско Езеро, посочи на отсуството на комуникација на властите со невладиниот сектор, што исто така е препорака и од УНЕСКО.
– Ние како невладина изработивме стратегија за комуникација, но засега интересот на Владата и надлежните институции не е на потребното ниво. Институциите мора да почнат да ги решаваат проблемите. Ние сме тука за да помогнеме – рече тој и посочи дека поради хаотичната состојба со неконтролираната урбанизација и пред сѐ човечкиот фактор, страда Охридско Езеро, а сето тоа неповолно се одразува и врз туризмот.
Интенција на невладините организации е да испратат заедничко писмо до владите на двете држави за сѐ што треба да се направи доколку навистина се има намера да биде заштитено Охридско Езеро. Н.М.