По маратонскиот исказ даден пред истражен судија и обвинител, шефот на железничката станица во Лариса, доби мерка притвор за железничката несреќа. Тој беше уапсен веднаш по несреќата, што се случи во вторникот кусо пред полноќ кај месноста Темпи, а животот го загубија 57лица.
Во форензичките лаборатории на грчката полиција, според медиумите, заврши процесот на идентификација на загинатите преку ДНК анализа и од 57 загинати, идентификувани се 55 лица.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, еден загинат, сè уште не е идентификуван, бидејќи никој не го побарал и не постои ДНК примерок за анализа, додека пак една жена и понатаму ја бара нејзината ќерка која била во возот, но не постои никаква трага од неа.
Новиот министер за транспорт и инфраструктура на Грција Јоргос Герапетритис денеска и утре ќе биде во Лариса и Солун и ќе го посети местото на несреќата, а в среда планирано е да одржи прес-конференција.
Паралелно, продолжува штрајкот на вработените во железницата, штрајк што започна веднаш по несреќата и Грција веќе шести ден е без возови.
Железничката несреќа предизвика бурни реакции и граѓаните организирани од синдикатите, од организации и сл континуирано одржуваат протести, а последниот, вчера, беше еден од помасовните со учество на околу 10.000 лица, според грчката полиција.
Во инцидентите што се случија, уапсени се пет лица, а повредени се седум полицајци.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој веднаш по несреќата рече дека судирот на двата воза веројатно се должи на човечка грешка, вчера, преку Фејсбук им се извини на роднините на загинатите.
– Како премиер им должам на сите, но пред сѐ на роднините на жртвите едно големо извинување. И лично, и во името на сите кои со години владееја со државата. Бидејќи, навистина, во Грција во 2023 година не може два воза да се движат во спротивни насоки по иста линија и никој да не го забележи тоа – напиша Мицотакис.
Додаде дека не сакаат и не треба да се скријат зад човечка грешка, истакна дека правдата ќе ја истражи трагедијата, а надлежниот министер ќе соопшти мерки „за итно подобрување на безбедноста на железницата додека да биде ставен во функција системот за дигитална контрола“.