И по шест кола францускиот стратег Патрис Канаје не може да ја вкомпонира својата екипа и да го врати Монпелје на победничкиот колосек од минатата сезона во ракометната Лига на шампионите. Ако продолжи во овој ритам многу е веројатно Монпелје и годинава да испише историја, но овој пат негативна, во која би станал првиот актуелен првак што нема да обезбеди пласман во нокаут-фазата во следната сезона. Монпелје не победи ни кај последнопласираната екипа во групата А, Кристијанстад, иако на полувреме имаше предност од 17-12. Мечот заврши со реми 29-29, а Монпелје го имаше последниот напад на мечот за победа.
Втор пораз дома претрпе Веспрем, од германскиот вицепрвак Левен, кој иако ја имаше контролата врз играта на крај славеше минимално со 29-28 (15-12). Предводен од македонскиот капитен Кирил Лазаров (пет гола) значајна победа забележа Нант, кој во завршните минути од мечот успеа да го скрши отпорот на Загреб за победа со 23-20. Значајна победа за приклучок кон врвот во групата Ц забележа Татран, на гости кај Спортинг со 28-26.