Вечерва, со почеток во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи промоција на романот „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски, како 216-то издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Промоторка ќе биде писателката Фросина Пармаковска, која низ разговор со авторот ќе им ја претстави и доближи книгата на читателите.
– „Романот „Писмо за Глорија“ а автофикциски обид за реобмислување и сублимирање на фрагментираното минато што се води од еден навистина благороден стремеж – испишување на реалноста, која честопати може да биде необична, и себеиспишување, кое секогаш мора да биде комплексно и трауматично. Може ли тоа да значи зацелување, соочување со траумата и нејзино надминување? Овој роман е еклатантен пример за тоа како (авто)фикцијата може да биде книга за себеосознавање, себесоочување и самопомош преку клучот и лавиринтите што тој ни го отвора низ бескрајните предели на убавата литература – вели Пармаковска во освртот кон романот.
Живко Грозданоски е роден во 1986 година во Кичево. Основно училиште завршил во Бигор Доленци и во Кичево, средно во Скопје. Дипломирал на Катедрата по италијански јазик и книжевност. Пишува проза и книжевност за деца. Неговите кратки раскази се преведени на десетина јазици, а неговите романи се преведени на бугарски („Куфер за тројца“, „Или-или“, 2014) и на италијански („Последното име на иднината“, „Антолог“, 2018). Преведува и препејува од и на италијански јазик.