Нашата работа претставува спој на стручност, професионалност и модерна технологија, вклучувајќи пријателски однос кон пациентите, кои јасно ни ставаат до знаење дека сме нивниот прв избор, вели д-р Симонида Котларова Попоска, раководителка на Одделот за гинекологија и акушерство во „Ре-медика“, со која разговаравме како визијата станува нормално секојдневие
Д-р Симонида Котларова Попоска, раководителка на Одделот за гинекологија и акушерство во „Ре-медика“
Каква е вашата визија за развојот на Одделот за гинекологија и акушерство во „Ре-медика“, кој го водите од неодамна?
– Квалитетот на услугите е нашиот најголем приоритет. Ќе продолжиме да испорачуваме врвна здравствена услуга и квалитетна грижа. Задоволството на нашите пациенти и нивното здравје се нашата врвна цел. Инвестирањето во современа опрема, континуираната медицинска едукација и доедукацијата на лекарите се гаранција за остварување на нашата визија.
„Ре-медика“ има широк опфат на гинеколошки и акушерски услуги, како што се нормалното спонтано породување, царскиот рез или породувањето по оперативен пат, хистеректомијата, лапароскопските и хистероскопските интервенции, постапките за вонтелесно оплодување… Во болницата се применуваат сите светски современи методи од областа на гинекологијата и акушерството.
За што најчесто ве бараат пациентите во одделот што го водите?
– Во делот на акушерството пациентите доаѓаат за редовни контроли за следење на бременоста, скрининзи, лабораториски инвестигации во текот на бременоста, едукација и психофизичка подготовка на трудници. Од областа на гинекологијата, пак, доаѓаат на редовни рутински гинеколошки контроли, систематски прегледи, ултразвучни и колпоскопски прегледи, како и за мноштво гинеколошки интервенции.
Одделот е организиран како Перинатологија со акушерство, Оперативна гинекологија со гинеколошка онкологија и урогинекологија и Асистирана репродукција со ИВФ.
Одделот е спој на искусен кадар и врвна технологија. Имплементираме светски протоколи, но со индивидуален пристап во лекувањето и врвни специјализирани техники за лекување на неплодноста. Во оперативната гинекологија и онкогинекологиjата сѐ повеќе сме барани како мултидисциплинарен тим составен од професионалци.
Дали сте задоволна од тоа како се одговара на нивните барања и потреби?
– Задоволството на нашите пациенти може да го видиме преку фактот дека секој пациент што доаѓа еднаш тука повторно се враќа, станувајќи редовен пациент што насочува друг. Нашите пациентите ги искажуваат своето мислење и впечатокот од третманот преку прашалници, но и низ разговори, на социјалните мрежи. Нивното задоволство е и наше задоволство, зашто ни покажува дека сме на вистинскиот пат.
Ние не си го штедиме трудот кога станува збор за здравјето и безбедноста на нашите пациенти, а од друга страна, работењето во првата приватна општа болница значи активност во поволен амбиент, работа со современа апаратура, но и квалитетна континуирана едукација, стручни состаноци организирани и во самата болница, посета на меѓународни конференции и семинари. „Ре-медика“ е компактна установа со мирна, спокојна атмосфера, нуди слобода, а во неа владее пријателско расположение. Значи, сѐ на сѐ, задоволни пациенти и задоволен персонал се работи што меѓу себе се дополнуваат и зависат едни од други. За целосен успех се потребни стручност, добра клима и почитување, со што се гради доверба неопходна за успешно затворање на циклусот на дијагностика и третман на пациентите. Со задоволство можам да кажам дека го имаме тоа.
Што за вас е најбитно за успешна работа, зошто изборот треба да биде „Ре-медика“?
– Нашата агилност е на многу високо ниво, имаме докажан висококвалитетен медицински персонал, имаме конкурентни цени на услугите, соработка со осигурителни компании во прилог на приватно здравствено осигурување.
Ние вистински ги водиме нашите пациенти. На пример, уште пред бременоста, а потоа низ безбедна бременост. За грижата за бебето кај нас се размислува уште пред да се роди, па имаме и школа за трудници, обука на идните мајки. Соработката со другите оддели, пред сѐ со Одделот за педијатрија, го комплетира она што им е потребно на идните мајки. Така, освен врвна нега по породувањето и за мајката и за бебето, родителите добиваат и квалитетна обука за лесно да можат да се снајдат со новите слатки предизвици.
Нашиот персонал се грижи за редовната едукација на пациентите за репродуктивното здравје, притоа обезбедувајќи индивидуален пристап во третманот, според потребите на секој поединечно.
Кога станува збор за асистираната репродукција, можам без никаква дилема да кажам дека „Ре-медика“ е една од установите што нудат најквалитетни услуги. И тоа не е само поради подготвеноста на кадарот, кој ги работи сите современи и докажани методи во третманот. Ние му даваме значење и на психолошкиот пристап, сакаме со пациентите да создадеме посилен однос што гради меѓусебна доверба. Веруваме дека успехот е поголем кога пациентите им веруваат на своите доктори.
Или едноставно кажано, ние знаеме како да се справиме со здравствените предизвици, а пациентите ни веруваат.
Токму и поради тоа верувам дека успешниот пораст и развој, не само на Одделот за гинекологија и акушерство туку и на целата болница, е резултат на интегрирана целина од тим на успешни професионалци, кои со помош на современа медицинска опрема работат со напредни методи на лекување по однапред организиран протокол на работа, што како целина гарантира квалитет. Н.Б.З.