Фото: Маја Јаневска-Илиева

Софија и Атина се сложни дека не признаваат малцинства на своите територии и дека тоа прашање нема да го отвораат во меѓусебните односи (веројатно затоа што малцинствата за кои би станувало збор, првенствено турското и македонското, се сметаат за „непријателски“ кон нивниот „единствен и неподелен идентитет“ како нација). Но затоа секоја од двете држави си ги наметнува своите интереси во релации со други држави во регионот, првенствено во Македонија

Бугарските двојни критериуми за пристапот кон прашањата на малцинствата во соседството

Соговорници што имаат широки познавања и искуство од меѓународното право и правата на малцинствата посочуваат еден апсурд што е карактеристичен за денешната бугарска малцинска политика. Имено, Бугарија како држава своите напори ги има насочено исклучиво кон Македонија, Албанија и Косово, каде што настојува да издејствува права за некакво „бугарско малцинство“. Но вакви активности воопшто нема во Грција, каде што и не се евидентирани ниту постојат бугарски здруженија што би ги промовирале барањата за бугарскиот идентитет, јазик и култура?!

Има или нема малцинство во Грција?

Официјалните податоци на бугарското министерство за надворешни работи посочуваат дека во Грција живеат 300 илјади Бугари. Тоа го потврдува и искажувањето на проф. Ана Кочева од институтот за бугарски јазик „Проф. Л. Андрејчин“ во БАН. Но официјална Софија нема никакви активности кон ова свое малцинство. Токму дилемата зошто ваквиот премолчен и игнорантски однос на Софија за ова „свое“ малцинство е интересен предизвик за анализа за експертите, бидејќи тоа е во целосна спротивност од бугарскиот наратив за Бугарите надвор од државните граници.
Во однос на ова прашање, експертите посочуваат дека Бугарија како држава-членка на Европската Унија тргнува исклучиво од принципот на сила и принуда кон помалите и послабите не-ЕУ држави што се надеваат на влез во ЕУ. Бугарија ја злоупотребува својата позиција за да ги уценува своите соседи и да издејствува измислено бугарско малцинство (како што беше примерот со Албанија). Во тој контекст е заклучокот на нашите соговорници дека Бугарија нема моќ и сила да врши притисок врз Атина. Некои од експертите, пак, нагласуваат дека „Софија и Атина имаат одреден договор“.

Премолчен договор меѓу Софија и Атина

Проф. д-р Билјана Ванковска вели дека Грција и Бугарија имаат премолчен договор веќе подолго од еден век, и двете страни воопшто да не се занимаваат да отвораат прашања поврзани со меѓусебните малцински проблеми.
– Значи, двете се сложни дека не признаваат малцинства на своите територии и дека тоа прашање нема да го отвораат во меѓусебните односи (веројатно затоа што малцинствата за кои би станувало збор, првенствено турското и македонското, се сметаат за „непријателски“ кон нивниот „единствен и неподелен идентитет“ како нација). Но затоа секоја од двете држави си ги наметнува своите интереси во релации со други држави во регионот, првенствено Македонија. Многу поиндикативно е што меѓународните организации (првенствено ЕУ) не можат или не сакаат да вршат притисок врз своите членки да ги почитуваат меѓународните конвенции за заштита на малцинствата и нивните јазички и културни особености – вели Билјана Ванковска. Д.Ст.