Проф. д-р Александар Митевски, општ и абдоминален хирург, од неодамна е медицински директор на првата приватна општа болница „Ре-медика“. Каква е неговата визија за развој на здравствената установа, колкав предизвик е новиот ангажман, како и проширувањето на палетата на услуги се само дел од разговорот со него, кој нагласува дека мерило за успехот им се препораките од задоволните пациенти
Проф. д-р Александар Митевски,
медицински директор на „Ре-медика“
Од неодамна сте на позицијата медицински директор на „Ре-медика“. Каква е вашата визија за развојот на првата приватна општа болница?
– Пред сè, претставува големо задоволство и предизвик да се биде на функцијата медицински директор, но секако и голема одговорност. „Ре-медика“ како прва приватна општа болница постои веќе речиси 18 години со добро воспоставени правила за своето функционирање, протоколи и, секако, добро изградено реноме. Самата болница во своето востановување е поставена како болница што има функционален капацитет и обем на работа соодветен за популацијата што ја опфаќа. Немањето договор со Фондот за здравствено осигурување во ниту една дејност, освен во областа на ИВФ, е факт дека се работи по пазарни економски услови и ја позиционира „Ре-медика“ како стабилен и самоодржлив субјект.
Со текот на развојот, покрај акцентот на гинекологијата и акушерството се развиени и други гранки од областа на хирургијата. Самиот развој не барал отсекогаш само воведување нови гранки туку и поинтензивно унапредување во самите области, затоа што медицината е област што има интензивна динамика поради технолошкиот напредок и воведувањето нови инструменти и процедури, како и промена на пристапот во одредени процедури. Пред сè, овде мислам на воведувањето минимално инвазивната хирургија, на чие воведување имаме посветено голем акцент во рамките на сите области во нашата институција.
„Ре-медика“ претставува и установа во која се одвива и едукација на медицински кадар во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Планираме да ја унапредиме таа соработка и да посветиме поголемо внимание на квалитетот на едукацијата и кадарот што произлегува, што индиректно укажува и на нивото на квалитетот на самата установа од која произлегол кадарот.
Колкав е личниот предизвик за раководната позиција на која се наоѓате?
– Прифаќањето на функцијата беше една одлука што беше тешко да се донесе. Раководењето со институцијата, која веќе е реномирана и има висок рејтинг во општеството, е сериозен предизвик бидејќи да се одржи таквото ниво е доволно тешко.
Сепак во одреден момент во сите институции доаѓа до промена на кадарот, природен и еволутивен процес во развојот на секоја институција претставува промената на генерациите, што е неминовно во одреден период да се случи.
Се надевам дека ќе одговорам на предизвиците и дека ќе успеам да го подигнам уште повеќе рејтингот на болницата, за што имаме прекрасен тим, кој е професионален и подготвен да се зафати со сите проблеми и предизвици што ни ги носи иднината.
Дали сте задоволен од работењето, стручноста на кадарот и од опремата?
– Имаме добар кадар, ги изведуваме најчестите интервенции во гинекологијата и хирургијата, како што реков со акцент на минимално инвазивните техники. Кадарот со кој располага болницата е стручен, секој во својата област, и со напредни вештини во третманот и дијагностицирањето на состојбите во своите области. Во однос на опременоста, „Ре-медика“ се стреми да ги следи последните трендови во технолошкиот развој. Моментално располагаме со нова ендоскопска опрема, лапароскопски и ендоскопски столбови, набавивме еден од најновите ласерски генератори за хирургија и урологија, а одлично функционираат и постојните. Дијагностичкиот дел го подобривме со набавка на пет нови ултрасонографски апарати и ендоскопски инструменти.
Во „Ре-медика“ набавувањето на опремата го сметаме за нужен дел од континуираниот развој и подобрување на услугите за нашите пациенти.
По што се издвојува понудата на оваа болница во системот на здравствени установи? Зошто пациентите ја избираат „Ре-медика“?
– „Ре-Медика“ е болница што се има изградено како фамилијарна болница во која грижата за пациентите не се состои само во делот на изведувањето на интервенциите или дијагностиката. Огромен акцент се става и на предоперативната и постоперативната нега. Самите услови, поставеноста и посветеноста на персоналот ја прават различна во однос на другите.
Секогаш се трудиме во изборот и едукацијата на персоналот. Неговите членови се пријатни и великодушни, сочувствителни и со добар однос кон пациентите за време на престојот на одделот и надвор од него. Исто така имаат волја и да развиваат позитивни односи со колегите и персоналот со кој соработуваат.
Меѓусебното почитување и духот на соработката се пресудни во обезбедувањето квалитетна услуга за пациентите, паралелно со развојот и растот на самата организација.
Што за вас е најбитно за пациентите да бидат задоволни? Како го мерите задоволството?
– Сметам дека професионалноста во услугата е еден од најбитните фактори што влијае на исходот од која било интервенција или дијагностички метод. Под професионалност подразбирам едуцираност и високо ниво на стручност во областа што ја покрива едно медицинско лице. Искрениот однос и образложувањето на реалната состојба и можниот исход се дел од културата и традицијата што ги негуваме во нашата установа.
Но секогаш треба да бидеме свесни дека самата интервенција и дијагностички метод временски претставуваат еден мал процент од времето што пациентот го поминува во нашата установа. Затоа посебен акцент ставаме на односот, негата и спроведувањето на пациентите за време на престојот во установата, што е битен фактор за пациентите да чувствуваат дека се во една фамилијарна и пријатна средина.
Мерењето на задоволството може да го направите со анкетни листови, но секогаш попријатно ќе се почувствувате кога ќе разберете дека пациентот е дојден по препорака на претходен задоволен пациент од вашата установа. Во „Ре-медика“ сме пресреќни што поголем дел од нашите пациенти се со таква препорака, што и го отсликува нашиот слоган „Прашај пријател“, кој гордо го носиме речиси две децении.
Болницата има развиен систем на едукација. Што подразбира тој?
– „Ре-медика“ има развиено систем за едукација со кој е планирана едукација на вработените со посетување курсеви, семинари и школи барем по еднаш во годината. За жал, последните години самата состојба во државата и во светот ги ограничи можностите за патување и организација на вакви собири и едукација е преку онлајн курсеви. Со промена на состојбата се надеваме дека ќе се воспостави повторно регуларниот систем за континуирана едукација, за која знаеме дека е пресудна за успешно работење и развој.
Дали пациентите може да очекуваат новини во понудата на услуги?
– Во следниот период би се посветиле повеќе на понудата за пациентите со приватно осигурување, кое претставува една не толку новина туку преодно решение во системот на здравствено осигурување. „Ре-медика“ е болница што нема пациенти што се на товар на Фондот за здравствено осигурување и тоа е еден дел на кој можеби треба да се посветиме повеќе, затоа што иднината на здравствените системи не е во габаритни структури на фондови што имаат рестриктивни политики, туку можеби отворен пристап и избор на пациентите во однос на своите осигурувања и правецот во кој би ги насочиле тие средства за нивно лекување. Или, кратко кажано, средствата издвоени за задолжително здравствено осигурување преку придонесите од личниот доход треба да ги следат патот на пациентот и неговиот избор на здравствена установа, како што и е праксата на сите светски осигурителни компании.
Во моментот единствено приватните осигурувања го овозможуваат тој пристап и би се посветиле на поширок спектар на интервенции и дијагностички методи што можеме да ги понудиме, а би биле покриени со овој начин на осигурување. Н.Б.З.