Европскиот куп за јуниори ќе се одржи на 12 и 13 август годинава, од 14 до 16 август е и тренинг-кампот за јуниори, а Балканското првенство за кадети е на 3 и 4 јуни. Двете натпреварувања ќе се одвиваат во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје

СЕДНИЦА НА ИО НА ЏФМ

Организацијата на Европскиот куп за јуниори и Балканското првенство за кадети беа единствените точки на состанокот на Извршниот одбор на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), во Прилеп, под раководство на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. Фокус беше ставен на Европскиот куп, а на состанокот Трпаноски потврди дека „Витаминка АД“, односно брендот „Цевитана“ ќе биде генерален покровител на првенството. Од техничките информации, Трпаноски реферира дека натпреварите ќе се одржат во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, а обезбедени се и сместувачките капацитети за сите што ќе присуствуваат на Европскиот куп. Првпат Македонија ќе биде домаќин на два големи европски џудо-настани. По неколкумесечни преговори на Трпаноски со највисоките претставници на Европската џудо-унија, одлуката Македонија да биде организатор на двете квалитетни првенства ја доби во септември лани. Во продолжение од состанокот беа поделени и обврските за преостанатиот дел од организацијата на двете првенства што конечно ќе ја вратат Македонија на европската и на светската џудо-мапа.
– Европскиот куп ќе се одржи на 12 и 13 август, од 14 до 16 август ќе се одржи и тренинг-кампот за јуниори, а Балканското првенство за кадети е на 3 и 4 јуни. Со оглед на новите правила, каде што наместо како досега, можеше да има само по еден натпреварувач во категорија, сега е дозволено и по четворица, а тоа значи и поголем број џудисти, односно очекуваме бројка од 350 до 400 и на двете натпреварувања од 12 европски држави. Истовремено успешната организација на овие првенства, секако, ќе претставува и битен предуслов за ЏФМ за евентуално добивање и на Европското првенство за сениори, следната или некоја друга година. Во меѓувреме има одредени промени кај некои правила во џудото, па затоа ЏФМ одржува и почести семинари, за со новите правила што подобро се запознаат натпреварувачите и судиите – ни изјави генералниот секретар на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ. Г.И.