Ексгенералниот секретар Мухамед Зеќири одново не беше спроведен на судењето каде се гони за злоупотреба на службената положба и овластување. Ова беше и причината за одлагање на рочиштето, вторпат по ред. Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска кажа дека полицајци отишле да го земат Зеќири од домашен притвор, но не го спровеле оти им било кажано дека е со нарушено здравје.
– Не е присутен обвинетиот Мухамед Зеќири кој не е спроведен од куќен притвор. Во 9 часот од страна на ПС Карпош е направен обид за спровод на обвинетиот и констатирано е дека истиот не е во добра здравствена состојба поради што повторно повикана Брза помош. Дадоа ветување дека штом дојде Брза помош ќе го информираат судот. Но до овој момент немам информација дали е пристигната повиканата Брза помош. Судот констатира дека на 03.02.2023 година поднесено е барање за одлагање на главната расправа од адвокатското друштво ‘Пепељуговски’ со прилог психијатриски извештај од 01.02.2023 изработено од ПЗУ „Евромедика“ преку доктор Александар Марцикиќ – посочи судијката Јанчулева Михаиловска.
Ова е второ одложување на рочиште за предметот во две недели. И претходната година, слично како и сега, Зеќири не беше спроведен оти командирот на полициската станица Карпош известил дека обвинетиот не е во добра здравствена состојба.
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против ексгенералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службена положба и овластување, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка избрал фирми на кои им исплаќал владини пари.
Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за скоро 1,5 милиони евра, кои завршиле во приватни фирми.