Писателот и експерт за маркетинг Хенри Вилијамс, кој беше голем ентузијаст за можностите на апликацијата за вештачка интелигенција „ЧетГПТ“, сега е загрижен за својот опстанок по неколку недели тестирање.
Имено, кога тој го вклучи „ЧетГПТ“ за да напише маркетинг-статија, неговиот ентузијазам опадна. На апликацијата ѝ беа потребни само околу триесет секунди за да создаде „речиси совршена“ маркетинг-статија.
Според неговото искуство, текстот е едноставно структуриран, убаво напишан, граматички исправен и на крајот бара само мали корекции. Вилијамс вообичаено наплаќа повеќе од 600 долари за таков текст.
– Мошне сум сигурен дека вештачката интелигенција ќе ми ја земе работата. Сепак, верувам дека понатамошниот напредок не значи дека писателите, новинарите и уредниците ќе бидат непотребни, само дека потребата од нив ќе се намали – рече Вилијамс.
Човечката креативност, се чини, повеќе нема да биде потребна. Токму ова е една од работите за кои многумина ја критикуваат вештачката интелигенција, бидејќи таа може целосно да ги обезличи уметноста и креативноста. Годините работа, труд, учење, како и посебен човечки креативен израз може да паднат во вода пред алгоритам што би можел да создаде слична или дури можеби поинтересна работа како дигитална слика, книга, статија.