Со полагање цвеќе на гробот на великанот на македонската револуционерна борба во црквата „Свети Спас“ во Скопје од страна на делегации на државните институции, партии и граѓански здруженија денеска ќе биде одбележана 151-та годишнина од неговото раѓање.
Според најавите, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието, предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, придружуван од пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Љупчо Пренџов.
МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.
Во пресрет на чествувањето на годишнината, кое е оквалификувано како настан од висок ризик, засилено е полициското обезбедување околу „Свети Спас“, при што полицијата ги контролира пристапите до црквата. Полициски сили се распоредени во поширокиот реон околу црквата „Свети Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до неа. Пристап имаат само лица со дозволи.
Според најавите, почит на великанот на македонската револуционерна борба ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
Уште од четвртокот од 18 часот за сообраќај е затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“, а денеска посебен режим ќе биде воведен и на улицата „Лазар Личеноски“.
СВР – Скопје упати апел до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот, со цел осигурување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Во црквата „Свети Спас“ денеска ќе им биде дозволен пристап само на најавените делегации, а сите други делегации и граѓани кои не се најавени, нема да можат да положат цвеќе за време на државната свеченост.
Надлежните упатија апели за мирно и достоинствено одбележување на годишнината. Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека секој добронамерен кој сака да се поклони на гробот на Гоце Делчев е добредојден, но не и оние кои провоцираат и ги негираат македонскиот народ и држава. Тој потврди дека Владата досега не добила најава дека државна делегација од Бугарија ќе присуствува на одбележувањето 151 година од раѓањето на Делчев.
Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека денеска нема да има средби со лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива – Арбен Таравари и Африм Гаши.
– До овој момент од Кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе. Секој оној кој е добронамерен, официјална државна институција, кои сакаат да се поклонат на гробот на великанот на македонската национална борба тука во Скопје на достоинствен начин, слободно може да го најават своето учество. Сите оние коишто се недобронамерни, коишто се провокатори, коишто го негираат македонскиот народ, коишто ја негираат македонската држава, коишто ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани тие нема да влезат во државата – рече Ковачевски.
И министерот за внатрешни работи вчера изјави дека на сите најавени делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев тоа ќе им биде овозможено, повикувајќи при тоа на достоинствено чествување.
– Многу е важно да имаме чествување достојно на ликот и делото на Гоце Делчев, во таа функција ги преземаме сите оперативни активности кои ќе придонесат да имаме мирно и достоинствено чествување, да се заштити јавната безбедност, јавниот ред и мир. Тоа е функција на МВР, апсолутно сметаме дека непотребно во изминатиот период се креваа тензиите поврзани со случајот во Охрид, кои не придонесуваат ништо добро во подобрување на односите, напротив сметам дека подигањето на тензиите само дополнително ќе ни ги влошува односите – рече Спасовски.
Тој повика на деескалација на состојбата што, што, како што рече, сакаат да ја влошат неодговорните политичари, групи и поединци, упатувајќи порака и до политичките субјекти и политичарите да бидат одговорни во целиот овој процес.
Според Спасовски, институциите нема да дозволат никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого.
– Уште еднаш упатувам апел до сите граѓани за достоинствено чествување. Посебно до сите тие патриотски институти или здруженија да се откажат од идеите со коишто би го нарушиле јавниот ред и мир и безбедноста на државата. Никакви ноќни стражи, никакви стражарења, нема потреба од тоа, заради тоа што македонската полиција е тука како гарант на мирот и безбедноста, истакна Спасовски, нагласувајќи дека секој кој ќе помисли на кој било начин, со транспаренти или знамиња на туѓи држави, да ги навреди македонската држава и македонскиот народ, нема да може да го стори тоа и за тоа ќе сноси последици.
Апел до јавноста за мирно и достоинствено чествување на годишнината упати и шефот на дипломатијата Бујар Османи преку видеопорака објавена на неговиот Фејсбук профил, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
– На 4 февруари кога се поклонуваме пред гробот на Гоце Делчев, се поклонуваме пред неговото визионерство за културен натпревар меѓу народите. Повикувам на достоинствено, мирно чествување на денот кога оддаваме почит на неговиот идеал за напредни општества и за градење цивилизациски вредности. Да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување. Ние сме држава која има европска перспектива. Со својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, сме пример во светот. Ве повикувам да опстоиме на тие наши вредности, потенцира Османи.
Македонскиот полициски синдикат, пак, го повика своето членство доследно да ги извршува работните задачи согласно законската регулатива, да не се ставаат во функција на политичките партии и други групации и да се воздржат од какви било провокации. Од МПС ги повикуваат политичките партии и нивните локални претставници, како и сите други радикални групации да не ги заплашуваат нивните членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби.
За мирно одбележување на роденденот на Гоце Делчев се заложи и Клубот за бугарско-македонско пријателство. Тие побараа владите на Бугарија и Македонија да ги спречат засилените обиди за минирање на односите меѓу двете земји и веднаш да го спроведат механизмот за намалување на тензиите и идентификување на манифестациите на омраза, усвоен минатата година меѓу двете министерства за надворешни работи. Според Клубот, мора да се маргинализираат круговите што сеат омраза и да се иницираат сеопфатни процеси на зближување – социјално, инфраструктурно, културно, медиумско и економско поврзување меѓу двете земји.
Министрите за внатрешни работи на Македонија и Бугарија, Оливер Спасовски и Иван Демерџиев денеска од Скопје порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на годишн
Во пресрет на годишнината во понеделникот во земјава престојуваше бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој имаше средба со неговиот македонски колега Спасовски, по која двајцата порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев и дека полицијата ги презема сите потребни мерки.
Демерџиев најави дека нема да се дозволи да бидат предизвикаат какви било провокации или да дојде до несакани настани.
– Да не дозволиме некои луѓе да се обидат да го распалат огнот, каде што го нема. Целта е да се одржи чествување на еден великан Гоце Делчев, а не да биде центар и место каде што ќе настанат радикални појави – изјави Демерџиев.
И потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во понеделникот изјави дека очекува на 4 февруари да има една достоинствена манифестација и достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, изрази надеж дека овој настан е можност за дијалог и зголемено меѓусебно разбирање и почит меѓу Македонија и Бугарија.
– Ова беа тешки неколку недели, но дури и во тој период, значајно е дека имаше постојани контакти меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што добрососедските односи се во интерес на сите. Видовме контакти на ниво на премиери, министри за надворешни работи, внатрешни работи, да ги споменам како пример. Тоа е духот кој треба да се запази во ова одбележување – рече Гир.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, во рамките на кампањата „ЕУ со тебе“ денеска ќе ја посети општина Гостивар.
Апел за достоинствено одбележување на годишнината и да не се дозволи ескалација на тензиите, во вторникот упатија и поранешниот бугарски претседателот Петар Стојанов и потомци на познати личности по потекло од Македонија, кои оценија дека провоцирањето на судири меѓу граѓаните на двете земји би претставувало „неприфатливо сквернавење на споменот на Гоце Делчев“.
– Тоа ќе фрли лоша сенка не само на односите меѓу нашите најблиски земји, туку и врз оние кои загинаа за слободата на Македонија од османлиската власт. Не треба да дозволиме одделни групи луѓе во која било од двете земји, свесно или несвесно, да ги уништат делата на нашите предци – се наведува во апелот.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Работел како учител во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО бил ангажиран на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ТМОРО во 1896 година, а до 1901 година бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Бил убиен на 4 мај во 1903 од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.