Здрава храна
Освен што се многу вкусни и освежителни, портокалите се полни со витамини, минерали и антиоксиданти. Благодарение на хранливите состојки што ги содржи, ова овошје има исклучителни придобивки за здравјето на целиот организам.
Го зајакнуваат имунитетот: Со оглед на тоа што содржат тијамин, рибофлавин, нијацин, витамини Ц и Б6, фолна киселина, фосфор, магнезиум, манган, селен и бакар, портокалите се добри за зајакнување на имунолошкиот систем. Нутриционистите тврдат дека еден портокал со средна големина содржи повеќе од препорачаното дневно количество на витамин Ц, односно околу 70 мг.
Добри се за кожата: Како резултат на стареењето, кожата страда од оштетување од слободните радикали. Иако овој процес е неизбежен, портокалите можат да го забават, бидејќи се полни со антиоксиданти и витамин Ц, кои помагаат да изгледаме помладо.
Го подобруваат видот: Витаминот А, витаминот Ц и калиумот, кои ова овошје ги содржи во големи количества, се одлични за здравјето на очите. Доколку сакате видот во иднина да ви биде добар, нутриционистите советуваат да јадете по еден портокал секој ден.
Го намалуваат ризикот од срцеви заболувања: Една од причините зошто луѓето добиваат срцеви заболувања е затоа што нивните артерии се затнати поради нездравиот начин на живот и консумирањето нездрава храна. Портокалите имаат флавоноиди што го намалуваат холестеролот и го спречуваат затнувањето на артериите, што штити од срцев удар и многу други кардиоваскуларни болести, пишува „Хелтлајн“.