Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола е под притисок на јавноста поради подарок – престој во француски луксузен хотел, кој не го пријавила целосно во својата институција, пишува „Политико“.
Ноќевањето на Малтежанката, членка на Европската народна партија (ЕПП), која во октомври престојуваше со сопругот во регионот Бургундија, го плати француското винско братство. Информацијата ја потврдил и нејзиниот портпарол.
– Тоа не беше грешка, ниту еден претседател на парламентот пред мене не го направи овој чекор – изјави Мецола за денешното издание на германскиот деловен весник „Ханделсблат“.
Мецола го најави патувањето минатата недела, откако белгиската полиција во декември ја уапси потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, членка на блокот на Социјалистите и Демократите (С&Д), обвинета за корупција, перење пари и врски со организиран криминал.
Мецола не откри дека нејзиниот сопруг Уко, роден во Финска, ја придружувал на патувањето. „Политико“ пишува и дека пратениците мора да пријават подароци до крајот на следниот месец, а таа тоа го направила дури во јануари, наместо да ги почитува правилата и тоа да го направи до крајот на ноември.
Според правилата на ЕП, таа требало да ги пријави своите планови за патување на крајот на ноември.
„Политико“ пишува дека Мецола и нејзиниот сопруг ја поминале ноќта во хотелот со пет ѕвездички „Ле Цеп“ во градот Боун, кој вклучувал и раскошна вечера од пет јадења. По правило, цената на ноќевање во соба таму чини 350 евра, пренесува медиумот.
Мецола тврди дека лидерите на парламентот досега не известувале за вакви патувања и дека сака да раскине со „она што е вообичаено и што било традиција“ и да „открие се“. Нејзиниот претходник, Дејвид Сасоли, кој почина на почетокот на минатата година, не пријавил никакви патувања или подароци за време на неговиот мандат.
Сѐ уште не се знае дали Мецола ќе биде санкционирана. Теоретски се можни казни, но за тоа нема автоматски механизам, а одговорноста паѓа на самиот претседател на парламентот, наведува медиумот.