Во почетоков на работната недела се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата беа анализирани најновите информации за домашната и за глобалната економија. Во фокусот на седницата беа случувањата на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на монетарната политика. Кои се промените што ги презема НБРМ во контекст на монетарната политика, како реакција на растечката инфлација?
Активирани инструменти на Народната банка на Македонија во врска со растечката инфлација
Народната банка продолжи со затегнувањето на монетарната политика. Тоа започна уште од крајот на минатата година, кога Народната банка интервенираше на девизниот пазар. Годинава, од месец април, НБРМ интервенираше и со зголемување на каматните стапки. Интервенции се направени и со неколкуте промени кај инструментот задолжителна резерва, насочени кон раст на штедењето во денари, како и со системски мерки, како што е воведувањето противцикличен заштитен слој на капиталот (од 0,5 отсто).
Зголемување на каматната стапка на благајничките записи
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одлучи каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,50 п.п. до нивото од 4,75 отсто. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, зголемени се и каматните стапки на кредитот прекуноќ. На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити прекуноќ и на седум дена, исто така за по 0,50 п.п.
Промените во поставеноста на монетарната политика и понатаму се реакција на инфлацијата. Во ноември, за првпат оваа година, беше прекинат трендот на забрзување на годишната инфлација. Сепак, Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка заклучи дека ризиците од посилни преносни ефекти врз базичната инфлација од цените на енергијата и на храната, сè уште постојат. Во таквиот контекст, подигнувањето на инфлациските очекувања наметнуваат потреба од натамошна монетарна реакција. Со оглед на врзаноста на денарот со еврото, при евентуално натамошно решавање по таа основа, би влијаеле и промените во монетарната политика на Европската централна банка, за која се очекува дека ќе продолжи со зголемувањето на каматните стапки во следниот период.
Растот на цените на прехранбените производи и на енергијата имаат
најголем ефект на растот на инфлацијата
Според најновите показатели, годишната стапка на инфлација во ноември забави на 19,5 отсто, со што просечната годишна инфлација во периодот јануари – ноември 2022 година изнесува 13,8 отсто. За издвојување е дека близу 76 отсто од овој раст е директен ефект од растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Неизвесноста од идната динамика на цените на примарните производи на берзите, а особено на енергентите е нагласена поради воените случувања во Украина и санкциите кон Русија, поради што од исклучителна важност се водењето претпазливи домашни политики и внимателното управување со домашната побарувачка.
Народната банка речиси и да нема интервенции на девизниот пазар, а девизните резерви од јули наваму, според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, бележат постојан раст.
Во врска со домашната економска активност во третиот квартал од годината, според Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, дојдоа до израз неповолните ефекти од енергетската криза и од растот на трошоците врз одредени сектори од економијата, што доведе до забавен економски раст (2 отсто). Остварувањата во третиот квартал од 2022 година, како и за првите три квартали од годината (раст од 2,7 отсто), се малку подобри од проектираните. Информациите со кои располага Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка за четвртиот квартал се недоволни, но засега се во прилог на очекувањата дека растот ќе забавува до крајот на годината. Така, податоците за октомври покажуваат реален годишен пад на прометот во вкупната трговија и натамошни неповолни движења кај индустриското производство.
На меѓународните финансиски пазари тренд на понатамошно затегнување на монетарната политика
Во ноември, на меѓународните финансиски пазари, очекувањата упатуваат на понатамошно затегнување на монетарната политика од страна на централните банки. Во САД, поради согледувањата на инвеститорите дека ценовните притисоци во САД се намалени, се зголемија очекувањата за поумерено зголемување на референтната каматна стапка од страна на ФЕД. Очекувањата на пазарите во однос на каматната стапка на ЕЦБ исто така се во насока на нејзино понатамошно зголемување, како одговор на инфлациските притисоци во еврозоната, а при висока неизвесност од идната динамика на глобалните цени на примарните производи. E.Р.