Веројатно најголемиот светски музички магазин, особено влијателен со своите рецензии, британски „Грамофон“, го вброи компакт-дискот „Варијации“ на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески меѓу најдобрите солистички пијано-албуми на годината, а неговата изведба на два сета варијации на Бетовен се најде на листата најдобри изведби на дела од големиот германски композитор во 2022 година, информира „КултурОп“.
– Тројцата мајстори на варијациите како форма – Бетовен, Брамс и Моцарт – ги истражува и очигледно ужива во нив пијанистот Симон Трпчески на овој прекрасен албум – истакнува уредничкиот избор на „Грамофон“.
Албумот во март годинава го издаде британската етикета „Лин рекордс“, а на својот прв самостоен компакт-диск за оваа издавачка куќа, Симон Трпчески се претставува со дела од Моцарт, Бетовен и од Брамс. Албумот содржи не многу често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани, Моцарт да речеме од примери на неаполската школа на италијанските композитори Сарти и Паизиело, а Бетовен од мотиви на руски теми од чешкиот композитор Пол Враницки. Тука се и Брамсовите варијации од неговата рана фаза на тема од Шуман, а целиот албум завршува со познатите 32 варијации на Бетовен напишани на своја оригинална тема.