Не е вистина дека се предвидува затворање на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј. Во нашата држава постепено се прави транзицијата во енергетскиот сектор и заради војната во Украина роковите ќе бидат ревидирани, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Според него, веќе имаме поднесено документ усвоен на Влада до Европската енергетска заедница и не може само така да се повлече, но, потенцира, изговорот дека не сакаме тоа да го направиме за да ја помогнеме ликвидноста е само за да се нанесе штета.
– Има Стратегија за енергетика во нашата држава, што е продукт на МАНУ, која е донесена во 2019 година. Во неа е јасно кажано дека требало да се случи енергетската транзиција, но во 2019 година немаше војна на европско тло. После тоа донесени се низа на документи во кои е кажано што треба и кој е акцискиот план што треба да се преземе. Ревизијата на Стратегијата не е магично стапче со кое треба да се направи за 24 часа – рече Битиќи во одговор на новинарско прашање пред почетокот на Тркалезната маса за Програмата за поддршка на конкурентноста на малите и средните претпријатија.
Како што појасни, се предвидува еден блок на РЕК Битола да се трансформира од јаглен на гас како непосреден енергенс за одреден временски период.
– Никаде не пишува дека целосно ќе се затвори РЕК Битола и во тој Акциски план до 2028 година. РЕК Осломеј, пак, секако се трансформира. Таму се прават инвестиции во обновливи извори на енергија од 120 мегавати – прецизира Битиќи.